• четврток, 26 декември 2024

Дурмиши-Болат: Продлабочување на економските врски меѓу Северна Македонија и Турција е наш приоритет

Дурмиши-Болат: Продлабочување на економските врски меѓу Северна Македонија и Турција е наш приоритет

Скопје, 26 декември 2024 (МИА) - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска се сретна со министерот за трговија на Турција Омер Болат кој е во еднодневна посета на Северна Македонија.

На средбата, што се одржа во Министерството за економија и труд, двајцата министри разговараа за трговските и економските односи меѓу Турција и Северна Македонија, како и за развивањето и продлабочувањето на овие односи.

Министерот Дурмиши на состанокот, како што информира ресорното министерство, потенцираше дека Република Турција е меѓу нашите најзначајни трговски партнери и земја која континуирано инвестира во македонската економија во разни сектори, како стратешки инвестициски партнер.

- Податоците за трговска размена покажуваат дека Република Турција минатата година е рангирана на седмото место на листата на земји со кои Република Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена. Се надевам дека во наредниот период оваа соработка дополнително ќе се продлабочи, нагласи Дурмиши. Во првите десет месеци од 2024 година, како што се наведува, вкупната трговска размена меѓу Северна Македонија и Турција изнесува 747,5 милиони евра што е зголемување за 10,4 отсто споредено со првите 10 месеци од 2023 година.

Министерот Дурмиши потенцирал дека вкупните турски инвестиции во Македонија изнесуваат околу две милијарди евра. Турските инвеститори сочинуваат 38 отсто од вкупните странски инвестиции во земјава. Турција е наш петти партнер според инвестициите и седми во однос на трговијата.

- На состанокот беше истакнато дека економската соработка меѓу двете земји е добра, но капацитетот не е доволно искористен. Мора да се работи на поврзување меѓу малите и средните фирми во речиси сите сектори. Страните на овој состанок се осврнаа и на можностите за соработка меѓу двете земји, а беше упатен и апел за зголемување на инвестициите, се вели во соопштението. 

Двајцата министри разговарале и за поголемо учество на турските фирми во македонски инфраструктурни и енергетски проекти во насока на зголемување на инвестициите во Северна Македонија. мд/дма/

Фото: Министерство за економија и труд

Остани поврзан