• понеделник, 25 ноември 2024

Средба Божиновска-Григоријан, во фокусот енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија

Средба  Божиновска-Григоријан, во фокусот енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија

Скопје, 1 ноември 2024 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска се сретна со постојаниот претставник на Развојната програма на Обединетите нации (УНДП) во земјава Армен Григоријан.

На состанокот, како што информира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во фокусот беше реформската агенда, енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија. Божиновска, како што се наведува, се осврна на плановите на Министерството и статусот на тековните проекти, како и на можностите за подобрување на идните планови и активности, се во насока на продлабочување на соработката со Развојната програма на Обединетите нации.

-Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е посветено на активности насочени кон зелена енергетска транзиција и намалување на емисиите на јаглерод. Преку значајни инвестиции во обновливи извори на енергија и целосна гасификација на државата се создаваат услови за енергетска ефикасност и технолошки развој. Овие активности ќе обезбедат доверлив и одржлив пристап до енергија за граѓаните и стопанството, истовремено заштитувајќи ја животната средина, истакна Божиновска на состанокот.

Постојаниот претставник на УНДП Григоријан истакна дека Развојната програма на Обединетите нации ќе продолжи со силната поддршка на државата и нагласи дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и понатаму може да смета на континуирана и конкретна соработка.

- Нашата поддршка вклучува развој на човечки и институционални капацитети, обезбедување знаење, демонстрација на решенија и градење партнерства. Подготвени сме, доколку е потребно, да ги ставиме на располагање нашите експерти, кои можат да помогнат во повеќе области и проекти, како енергетската ефикасност, еко-пасоши, обновливите извори на енергија, сè со цел успешна реализација на зацртаните проекти на вашето Министерство, нагласи Григорјан.

Божиновска изрази благодарност до канцеларијата на УНДП за нивната соработка, нагласувајќи ја важноста на ова партнерство за поттикнување на успешна реализација на македонските национални приоритети и планови за зелена транзиција. мд/аа/

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Остани поврзан