• петок, 05 декември 2025

Србија планира за првпат Закон за работна пракса, јавна расправа до 18 декември

Србија планира за првпат Закон за работна пракса,  јавна расправа до 18 декември

Белград, 1 декември 2025 (МИА) -  Србија планира за првпат да воведе Закон за работна пракса во својот правен систем, и доколку биде усвоен, работодавачите ќе бидат обврзани да склучуваат договори за работна пракса со практикантите и да им исплаќаат соодветен надомест.

Како што пишува „Форбс Србија“, практикантите ќе имаат право на пензиско, инвалидско и здравствено осигурување, како што може да се види од нацрт-законот.

Сепак, во нацрт-законот е наведено и што не е работна пракса. Така, работната пракса не вклучува волонтирање, двојно образование, студентска пракса, стажирање и практична настава и професионална пракса.

Предлог-законот е усогласен со Препораката за квалитетна рамка за работна пракса усвоена од Советот на министри на ЕУ во 2014 година. Донесување на Законот за работна пракса е планирано со Реформската агенда на државата и Планот за исполнување до крајот на 2026 година на најважните обврски од процесот на преговори за пристапување на Србија во ЕУ.

Министерството за труд го објави Нацрт-законот за работна пракса што е отворен за јавна дискусија до 18 декември.

Работната пракса е дефинирана во нацрт-законот како „активности што практикантот ги извршува кај работодавачот со поддршка и надзор на ментор, а кои се насочени кон стекнување практични вештини и искуство за работа во одредена професија со цел унапредување на вработувањата, односно создавање можности за вработување и самовработување“. зш/сд/

фото МИА

Остани поврзан