• недела, 22 декември 2024

Специјалната апликација на грчката полиција „Panic Button“ инсталирана на над 2.000 жени жртви на семејно насилство

Специјалната апликација на грчката полиција „Panic Button“ инсталирана на над 2.000 жени жртви на семејно насилство

Атина, 21 јуни 2024 (МИА) – Над 2.000 жени жртви на семејно насилство побарале да им биде инсталирана специјалната апликација на грчката полиција  „Panic Button“, воведена минатата година, која, во случај да се во опасност можат да ја активираат и веднаш да биде известена полицијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерката за социјална кохезија и семејство на Грција Софиа Захараки говорејќи за грчката телевизија „Скај“ истакна дека има зголемување на случаите на семејно насилство во земјата, посочи дека 2.124 жени ја инсталирале апликацијата, а до 31 мај 349 жени ја искористиле, притискајќи го копчето за известување на полицијата дека се во опасност.

На крајот на март минатата година апликацијата „Panic Button“ на грчката полиција за помош на жени жртви на семејно насилство беше воведена во Солун и Атина, а од неодамна е достапна во цела Грција.

Станува збор специјална, тајна апликација за мобилните телефони што не дозволува трети лица кои можеби имаат пристап до уредот на жртвата да ја откријат апликацијата.

Жените жртви на семејно насилство, откако ќе ја инсталираат апликацијата на нивните мобилни телефони, со притискање на едно копче, можат итно и безбедно да ја известат полицијата доколку се во опасност.

Апликацијата мора претходно да биде инсталирана и активирана во полициска станица и ги содржи сите податоци на жртвата на семејно насилство. ср/рп/

Остани поврзан