• вторник, 17 декември 2024

Спасовски на работна средба со Одделот за воздухопловни единици при МВР

Спасовски на работна средба со Одделот за воздухопловни единици при МВР

Скопје, 25 мај 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го посети Одделот за воздухопловни единици во седиштето на Хеликоптерската единица за полициски намени во Идризово, која во рамки на МВР постои веќе 54 години. Министерот Спасовски оствари работна средба со раководството на Одделот за воздухопловни единици, по што следеше разгледување на воздухопловите и опремата за нив, поставени на платото пред хеликоптерските хангари во Идризово.

-Бележејќи континуиран напредок особено во последниве неколку години, како технички, така и кадровски, Хеликоптерската единица успеа сите потребни стандарди – технички, образовни, професионални – во целост да ги сообрази со полициските стандарди на истородните единици од земјите на ЕУ. Во изминатиот неколкугодишен динамичен период на развој беше инвестирано во низа неопходни инфраструктурни потреби на Единицата, не само од аспект на материјално-техничките потреби како што се реновираниот објект на Единицата, рампа за десантирање на тимови од воздух, ведро и резервоари за гаснење пожари, туку и персоналното опремување на вработените со летечки униформи и специјална летечка опрема, но и униформи за персоналот за техничко одржување. Паралелно со ова се работеше и на одржување на високо технолошко ниво – преку редовно ремонтирање на леталата и нивна модернизација, набавка односно надградба на нивната навигациска и радио опрема, ТЕТРА системи за комуникација, како и набавка на опрема на леталата и за оперативни активности од спасувачки карактер, особено во делот на гаснење пожари. Имено, препознавајќи ги потребите на државата за поуспешно справување со пожарите, а со тоа и подобра заштита на граѓаните и имотот, Единицата беше опремена со 3 хеликоптери марка „Бел“, кои беа оспособени за гаснење на пожари, за да одговорат на потребите на граѓаните. Беше набавено едно ведро за „Бел 212“ и Симплекс резервоар за „Бел 412“ и овие хеликоптери веќе ги видовме на дело, рече Спасовски во изјава за медиумите.

Говорејќи за континуираната грижа за едукација и образование преку разнородни обуки на летечкиот и технички персонал и нивно професионално сертифицирање согласно модерните, европски полициски стандарди, министерот Спасовски рече дека за да се овозможи успешно користење на опремата, се воспостави соработка со словенечката полиција, од чија страна беше спроведена меѓународна обука и тоа за носење подвесен товар и за гаснење на пожари. Обуката успешно ја завршија и се сертифицираа сите пилоти на Хеликоптерската единица за полициски намени.

Спасовски го потенцираше и аспектот на отвореноста за соработка и вклучување во заеднички и координирани активности со други институции во области од заеднички интерес.

-Впрочем, скорешното потпишување на Стандардните оперативни процедури за соработка со Центарот за управување со кризи, потоа соработката со Агенцијата за цивилно воздухопловство околу воздухопловните правила и прописи, со Дирекцијата за заштита и спасување, со АРМ за одржување на нивната флота на Бел 206 и Злин, што е значаен индикатор за квалитетот и компетентноста на нашата техничка служба, како и регионалните иницијативи за соработка - сето тоа говори токму во прилог на активниот ангажман на нашите колеги во интерес на службата и во интерес на пошироката заедница, рече Спасовски.

Во свое и во име на МВР, министерот Спасовски на сите сегашни припадници на Хеликоптерската единица, како и на сите оние кои во нејзината богата историја, беа дел од нејзиното растење и развивање, им се заблагодари за досегашните достигнувања, посакувајќи им мирно небо, уште многу успешни спасувачки акции и успеси како на професионален и на личен план.

По завршувањето на средбата и разгледувањето на хеликоптерите беа доделени благодарници на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на директорот на Бирото за Јавна безбедност Сашо Тасевски, како и на шефот на Кабинет Митко Бојмацалиев, од страна на началникот на Одделот за воздухопловни единици Ненад Алексовски, во име на вработените за сестрана, целосна и постојана поддршка за развој на Единицата и препознавање на нејзиното значење и визија. мс/аа/

фото: МВР

 

Остани поврзан