• сабота, 21 декември 2024

Спасовски: Во следните четири години излез на домашните компании на европскиот пазар од 500 милиони луѓе

Спасовски: Во следните четири години излез на домашните компании на европскиот пазар од 500 милиони луѓе

Скопје, 22 април 2024

Носителот на листата за ИЕ 2 на Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, денеска се обрати на прес-конференција која се одржа во Скопје. 

„Европската иднина значи европски животен стандард за сите граѓани, европски плати и пензии, пристап до европскиот пазар и развој на микро, малите, средни и големи компании, шанса за надминување на рекордот што го постигнавме во странски инвестиции. Значи европски квалитет на услуги и задолжителна реформа на правосудниот систем по европски пракси”, порача Спасовски, додавајќи дека тоа практично значи имплементирање на европските стандарди во сите сегменти на живеење.

„Ние ветуваме дека ќе обезбедиме просечна плата од 1.100 евра, минимална плата од 600 евра, просечна пензија од 30.000 денари, минимална пензија од 20.000 денари, нови 180 милиони евра државна помош за домашните фирми, нови странски инвестиции и кажуваме како. Веднаш по формирањето на новата Влада ќе ги продолжиме преговорите со Европската Унија, ќе ги завршиме во текот на следниот мандат и до 2030 година ќе влеземе во ЕУ”, рече Спасовски, наведувајќи ги придобивките од членството во НАТО.

„Видовме што донесе членството во НАТО. Донесе највисоко ниво на странски директни инвестиции од 754 милиони евра, во најкризната година 2022 година за целиот свет. Речиси двојно повеќе странски директни инвестиции од 2016 година, кога изнесуваа 338 милиони евра. Донесе повеќе пари во државниот буџет. Од нив, со над 100 милиони евра поддржавме над 919 компании, што значеше поттик на 500 милиони евра нови инвестиции во домашната економија. Инвеститорите сакаат стабилен и безбеден амбиент за вложувања. Европската Унија сега има удел околу 65% од вкупниот број на странски директни инвестиции. И овој процент очекувано ќе се зголеми со полноправното членство”, истакна Спасовски, додавајќи дека членството во ЕУ носи нови инвестиции.

„Како членка на Унијата, меѓу европските држави, дополнително ќе ја зацврстиме стабилноста во Македонија. На овој начин ќе привлечеме нови странски инвестиции. Ќе овозможиме излез на домашните компании на европскиот пазар од 500 милиони луѓе и нивен сигурен развој. Така ќе постигнеме европски приходи и европски животен стандард во нашата држава. И тоа во предвидлив рок, во следните 4 години”, рече Спасовски.

Спасовски се осврна на немањето на став во редовите на опозицијата по прашањето за членство на Република Северна Македонија во ЕУ.

„На спротивната страна од нашата европска визија е нејасен концепт на деструктивната опозиција, на чело со наследниците на Никола Груевски и Хрустијан Мицкоски, кои претендираат да се дограбат до власт со квази партиотизам што носи нови години, можеби и децении неизвесна иднина, опасност, нестабилност. Тие имаат нејасни и променливи ставови за Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство, Рамковниот договор. Водејќи се од штетни популистички политики, за теснопартиски интереси се подготвени да ги закочат евроинтеграциите. Со тоа што ќе ги доведат во прашање стартешките партнерства со државите од ЕУ, САД и НАТО, кои се најголемите инвеститори во државата, ја носат земјата во изолација. На овој начин ќе ја загрозат и егзистенцијата на граѓаните и на фирмите. Ако не е така, тогаш нека бидат чесни и нека кажат - каква иднина ќе градат, ако таа не е европска? Бидејки, граѓаните имаат право да знаат што ги чека. Но не кажуваат”, рече Спасовски, додавајќи дека само со СДСМ и европската коалиција граѓаните добиваат европска иднина и ги остваруваат стратешките интереси важни за граѓаните и државата.

„Со СДСМ и европската коалиција, граѓаните знаат – ги чека европска иднина.

Но, сите искусивме и знаеме што значи неевропска и недемократска власт. Значи повторно уназадување на слободата на говор и на демократијата, за да не се слуша што се прави. Закани за затворања медиуми, фирми и поединци неистомисленици. Изолација од демократскиот свет. Во предизборната реторика го враќаат на преиспитување и „Рамковниот договор“, а овие несериозни и штетни неевропски наративи се закана и за домашна дестабилизација и враќање назад, во мрачното минато од кое едвај излеговме. Ја вративме слободата во 2017 година. Обезбедивме домашна стабилност со концептот Едно општество за сите. Станавме членка на НАТО. Ги отворивме преговорите со Европската Унија. Ги осигуравме територијалниот интегритет и идентитет. Јас сум првиот кој од позицијата министер за внатрешни работи, пред една година го потпишав првиот договор со ЕУ, на македонски јазик! Пример сме успешна мултиетничка демократија и денес и ние сме ѝ потребни на Европа во актуелниот геополитички контекст. Ова е момент за европска иднина што не се пропушта.

Во среда, на 24 април да гласаме за број 1 - за нов мандат на Стево Пендаровски. Следната среда, на 8 мај да гласаме за број 1 – за нов мандат на Социјалдемократскиот сојуз, преводник на новата проевропска влада и на европските промени”, подвлече Спасовски.

 


Линк до видео: https://www.youtube.com/watch?v=RJyf-moM7Ls&feature=youtu.be


Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан