• понеделник, 23 декември 2024

Со рамноправен дијалог на историската комисија до конкретни резултати, оценува Пендаровски, за Петков посетата на Скопје не е избрзана туку многу задоцнета

Со рамноправен дијалог на историската комисија до конкретни резултати, оценува Пендаровски, за Петков посетата на Скопје не е избрзана туку многу задоцнета
Скопје, 2 февруари 2022 (МИА) - Претседателот на државата Стево Пендаровски смета дека реториката што се слуша од бугарските членови на Заедничката комисија за историски и образовни прашања ќе ја отежнува нејзината работа и ќе ги обременува вкупните билатерални односи и оти треба помалку да се прејудицира исходот од комисијата, а повеќе конкретни резулати, но само низ рамноправен дијалог со нивните македонски колеги. Бугарскиот претседател Румен Радев од своја страна вчера оцени дека посетата на премиерот Кирил Петков на Скопје била избрзана, и според него секоја избрзана акција на бугарската влада, секој позитивен прелиминарен сигнал може погрешно да се протолкува како некакви отстапки од бугарска страна. Петков пак, реагирајќи на Радев, рече дека посетата на Северна Македонија не била избрзана, туку „ужасно многу задоцнета“. – Она што мислам дека ја отежнува и ќе ја отежнува работата на Историската комисија и ќе ги обременува вкупните билатерални односи независно што направивме вкупно пет комисии, освен Историската, е реториката која се слуша одвреме навреме од членови на Историската комисија од Софија, кои на дневна основа се обидуваат уште пред да се сретнат со своите македонски колеги да наметнат како треба да биде решението во работењето на таа Комисија, рече вчера Пендаровски на прес-конференција по седницата на Советот за безбедност, одговарајќи на новинарско прашање. Според него, новиот пристап кој премиерот Петков го промовираше кога дојде во Скопје беше прилично поразличен од досегашниот. - Во изминатава година и пол акцентот на инсистирање на Софија се разбира беше премногу ставен на Комисијата составена од историчари и де факто иако тоа не го пишува во Договорот од 2017, историјата или усогласувањето, како што велат тие, околу т.н. заеднички точки, заеднички места во историјата, беше предуслов за почнување преговори за членство во ЕУ, рече Пендаровски. Новиот пристап кој го поздравија и во Скопје и меѓународна заедница и Брисел, појасни Пендаровски, подразбира Историската комисија да биде само една од петте комисии кои ќе работат и врз основа и напредокот во останатите работни групи и комисии освен оваа Историската ќе се проценува тоа дали Северна Македонија до крајот на претседавањето на Франција ги исполнува условите или заслужува да биде држава која ќе ги почне преговорите по 17 години чекање со статусот на кандидат. Во врска со реакциите од бугарска страна за неговата средба со здруженија на Македонците од Бугарија, Пендаровски рече дека нема аргументи за реакција од бугарска страна по неговата средба затоа што, како што нагласи и од соопштението и од изјавите по средбата, можело да се заклучи дека во разговорите немало ништо што оди против Договорот од 2017 година. Ако некому смета самата средба на претседател на државата со Македонци кои живеат било каде во светот, нагласи Пендаровски, тоа не е мој, не е наш проблем. Тој потенцира дека ги сослушал Македонците од Бугарија и ги упатил дека остварувањето на нивните права може да го направат само во рамки на државата во која живеат или преку меѓународните судови. Тој нагласи дека нема никаква позадина во средбата и оти здружението ОМО „Илинден Пирин“ побарало да се види со него, а тој не ги одбил, како што претходно во изминатите две и пол години откако е на функцијата, како што вели, не одбил ниту здружение, ниту поединец кој сакал да се види со него. – Притоа, сум примал тука и Бугари граѓани на Република Северна Македонија, политички партии, здруженија на граѓани, поединци и не мислам дека има нешто лошо во тоа. Напротив, морам и ќе продолжам да се среќавам и со тие луѓе. Од друга страна, мојот колега претседателот Радев во повеќе наврати прими граѓани на Северна Македонија со бугарско самочувство кои живеат тука, ги прими во Софија и апсолутно не гледам што е проблемот и во таквите средби. Се надевам дека и тој ќе продолжи со тие активности понатаму, бидејќи тоа може само да создаде атмосфера во која ќе се познаваме, подобро ќе си ги знаеме проблемите еден со друг, подобро и само во една таква атмосфера можеме да го надминеме овој проблем кој година и пол – две, практично ја блокира евроинтеграцијата на нашата земја, вели претседателот Пендаровски. Тој појасни дека со Македонците од Бугарија разговарал за проблемите со кои тие се соочуваат во остварувањето на нивните права, но, оти за тоа ги упатил на државата во која живеат и на меѓународните судови. Тој додаде дека по ниедно правило на меѓународното право тој не смее да се меша во заштитата на правата на бугарските државјани и граѓани. – Тоа е во согласност со Договорот од 2017 и обратното, за Бугарите кои живеат во Северна Македонија сум надлежен јас, македонската Влада, македонските институции, македонските судови. Ако не се задоволни од мене, од нас, одат во Стразбур или кај меѓународните организации кои се бават со заштита на човековите слободи и права. Тоа се правилата, истакна шефот на државата.

Според шефот на бугарската држава, Радев, посетата на премиерот Кирил Петков на Северна Македонија била избрзана и според него, секоја избрзана акција на бугарската влада, секој позитивен прелиминарен сигнал може погрешно да се протолкува како некакви отстапки од бугарска страна.

Во однос на средбата на претседателот Пендаровски со ОМО Илинден, Радев рече дека „за жал постапките и однесувањето на претседателот на Северна Македонија не придонесуваат за толку посакуваниот напредок на РСМ кон ЕУ“.

- Секое барање за реципроцитет во граѓанските права е контрапродуктивно. Македонските Бугари се борат за еднаквост, која ќе биде загарантирана во нивниот устав со регистрирање. Тие се борат за нивна целосна интеграција во јавниот живот на државата, рече претседателот Радев. Тоа е радикално различно од сепаратистичките ставови и малцинските тврдења што ги исповедува народот со кој се среќава претседателот Пендаровски, рече Радев.

Тој додаде дека Бугарија е секогаш отворена за дијалог и оти се во контакт се со претседателот Пендаровски, „но ќе бараме погоден момент за средба на високо ниво, секако зависи и од неговите постапки“.

Бугарскиот премиер Петков рече дека посетата на Северна Македонија не била избрзана, туку „ужасно многу задоцнета“. – Вистината е дека Бугарија изгуби 30 години во тие односи. Мојата посета не само што не е избрзана, туку и ужасно задоцнета. Не јас како премиер, таа беше задоцнета бидејќи бугарската страна треба да има активна позиција, да има конструктивен тон на дејствие, да има јасни цели и точен пристап, рече Петков. Тој изрази жалење дека Бугарија изгубила толку многу години. – Јас не можев да издржам да ја одложувам посетата за ниту еден ден, додаде Петков. Во меѓувреме, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан сер Стјуарт Пич ја заврши дводневната посета на земјава, и порача дека целта за пристапување кон ЕУ е суверен избор на Северна Македонија и важен стимул за реформите. Во видеопорака снимена од Британската амбасада Скопје, Пич истакна дека од клучно значење е Северна Македонија да остане посветена на спроведувањето на својата реформска агенда, особено реформите кои се однесуваат на владеењето на правото, доброто управување, човековите права и заштитата на малцинствата, посочувајќи дека овие реформи се неопходни за напредокот во пристапувањето кон ЕУ. -На средбите со регионалните лидери, министрите на Обединетото Кралство го охрабруваат решавањето на прашањата помеѓу Северна Македонија и Бугарија. Го поздравуваме ангажманот на Северна Македонија и Бугарија за решавање на овие прашања бидејќи тоа ќе ѝ помогне на Северна Македонија да продолжи по својата евроатлантска траекторија без никакво одложување, истакна Пич во видеопораката по неговата прва официјална посета во својство на специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. За време на дводневната посета остварил средби со претседателот и премиерот на земјава, со владини претставници, членови на опозицијата и младите со цел, како што вели, „да ја реафирмирам посветеноста на Обединетото Кралство кон Северна Македонија и регионот и да ги слушнам нивните ставови“. Претходно Пич се сретна со шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој го запознал Пич за спроведувањето на реформите од европската агенда, со посебен акцент на обновениот дијалог со соседна Бугарија и воспоставувањето солидна основа за јакнење на довербата и соработката во клучните сектори од интерес и унапредувањето на добрососедските односи. Пич вчера се сретна и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а во фокусот на разговорите била политичка ситуација во земјава и преговорите со Бугарија. Според партиското соопштение, во врска со преговорите со Бугарија, бил повторен ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека власта треба да ја почитува Резолуцијата донесена во Собранието која значи зачувување на македонските идентитетски обележја и клучните национални интереси. Во исто време, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милтијадис Варвициотис за време на Комисијата за европски прашања во грчкиот Парламент, рече дека Грција се обидува да го олесни отстранувањето на кои било тешкотии што постојат во моментов поради бугарското вето за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија. Тој истакна и дека европската перспектива на земјава не е „неповратен тек“ и секаква евентуална промена на позицијата за Договорот од Преспа од наша, ќе значи и промена од грчка страна, јави дописничката на МИА од Атина. – Ја поддржуваме европската перспектива на Албанија и Северна Македонија. Се обидуваме да олесниме во отстранувањето на кои било тешкотии што постојат поради бугарското вето во моментов за одржување на првата меѓувладина конференција. Но, потсетуваме, на секој можен начин, дека ова не е тек што е неповратен. Доколку, во случај нашите северни соседи решат да го променат нивниот став во врска со целосното спроведување на Договорот од Преспа, тогаш и Грција, соодветно ќе ја смени нејзината позиција, рече Варвициотис. Вчера со состанокот на Работната група за економија, трговија и иновации на претставници на Северна Македонија и Бугарија, почна и практичната примена на новиот пристап во односите меѓу двете земји, кои го најавија премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков. Македонско-бугарската Работна група за економија, трговија и иновации на вчерашниот прв работен состанок во Скопје, договори воспоставување механизам против дискриминација на инвеститорите. Како што соопштија министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за иновации и раст на Република Бугарија, Даниел Лорер по состанокот, се разговарало и за други конкретни проекти од областа на иновациите, земјоделството, стартап индустријата, финансиските инструменти, европските фондови, економскиот равзој и подобрувањето на животниот стандард. Се размениле и институционални искуства – меѓу развојните банки, фондовите за иновации, агенциите за поддршка на претримеништво и инвестициите, а се презентирале и програмите за рурален развој. Станало збор и за зелената и развојната обврзница, за Гарантниот фонф, како и за Фондот за енергетски развој. нд/мд/

Остани поврзан