• петок, 22 ноември 2024

Со низа активности во Делчево, Пехчево и Берово одбележан Светскиот ден на книгата и авторското право

Со низа активности во Делчево, Пехчево и Берово одбележан Светскиот ден на книгата и авторското право

Делчево, 23 април 2024 (МИА) - Библиотеките од Делчево, Берово и Пехчево со низа активности го одбележаа Светскиот ден на книгата и авторското право.

Традиционално и годинава по повод 23-ти aприл - Светскиот ден на книгата и авторското право, ЈЛБ „Илинден“-Делчево, избира читател на годината. Директорката на ЈЛБ „Илинден“-Делчево, Биљана Петровска информира дека подарок книга од библиотеката денеска добија трите најчитателки за 2023 година

-Овој пат епитетот читател за 2023 година го понесоа три наши читателки: Гордана Поповска, Сузана Велкова и Ајфера Јумеровска.Честитки за сите. Тие се наши редовни големи читателки кои читаа секаков жанр и се надеваме дека и понатаму ќе бидат наши членови кои многу ќе читаат. Гордана, Сузана и Ајфера се пример за тоа и нека бидат мотивација за сите, да читаат и да другаруваат со книгите, рече Петровска.

Библиотеката „Кочо Рацин“ од Пехчево денешниот ден го одбележа со доделување подароци за читателките рекордерки.

-Дождливото и тмурно време не ги сопре читателките- рекордери во читање да дојдат во ОУМБ" Кочо Рацин" и да добијат книга и цвет изработен од вештите раце на Јасмина Цековска и да ги слушнат пораките од генералната директорка на УНЕСКО Одре Азуле и македонската порака од Ива Дамјановски - поетеса, пијанист и композитор во чест на овој ден. Нека ни е честит 23 Април - Светски ден на книгата и авторското право, истакна директорката на библиотеката, Габриела Костадинова.

Светскиот ден на книгата и автрското право денеска се одбележа и во Домот на културата „Димитар Беровски"-Берово.

-Во рамки на настанот посветен на чествувањето на книгата, авторите, читателите и издавачите беа прочитани двете пораки посветени на Светскиот ден на книгата за 2024 година. Со учениците читавме и за значењето на Сервантес и неговото дело „Дон Кихот". Разговаравме за книгите и светот кој читателот го создава, авторот и авторското право, истакнаа од Домот на култура „Димитар Беровски“ кои во знак на благоарност на учениците им подарија книги.

Одбележување на овој ден потекнува од Каталонија каде секоја година на 23 април се подарува книга и цвет. Смртта на двајцата великани Сервантес и Шекспир е причината поради која 23 април е прогласен за Светски ден на книгата и авторското право, а од 1996 година почнува одбележувањето на 23 април и во земјава. вс/фф/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан