• петок, 22 ноември 2024

Со втора победа над Струга 2009, кошаркарките на Патриот 2016 од Делчево обезбедија пласман во Првата лига

Со втора победа над Струга 2009, кошаркарките на Патриот 2016 од Делчево обезбедија пласман во Првата лига

Делчево, 13 април 2024 (МИА) - Женската кошаркарска екипа на „Патриот 2016“ од Делчево обезбеди пласман во Првата А лига на Македонија, откако во спортската сала „Методи Митевски Брицо“ денес ја совлада екипата на Струга 2009.

По првата победа на гостински терен пред два дена со 56:58, „патриотките“ денес славеа со убедливи 76:55 со што си обезбедија натпревар со шампионот Баскет Кам во разигрувањето за титулата во најелитното по квалитет натпреварување во женска кошарка. 

Тренерот на длечевки Љупо Петровски не можеше да го скрие задоволството што конечно целта е постигната, особено ако се знае дека совладана е цврстата екипа предводена од поранешниот селектор Владимир Ѓоровиќ.

- Како шампиони во Првата Б Лига, игравме со последно пласираниот тим од Првата А Лига, екипата на Струга 2009, која покрај поранешниот селекторот Ѓоровиќ, ја имаат Кристина Модева, од сениорската репрезентација. Видовме една квалитетна екипа, но во исто време видовме уште поквалитетна екипа на Клубски Патриот, која ја освои титулата во М-16 минатата година, а сега сме први во М-18 конкуренција. Благодарност до Ина Рашова и Дарина Чимева, посебно до Ина Рашова која му даде срце на тимот играјки со овие деца 8 години во екипата. Изигравме во Струга и мудро и тактички, а овде не се прашуваше победникот, туку со која разлика ќе победиме на крај, рече Петровски.

Следува мала пауза, а потоа како што додаде тренерот на делчевки, на задоволство на публиката ќе се одигра соседското дерби помеѓу Патриот 2016 од Делчево и Баскет Кам од Македонска Каменица.

- Сега нашите кошаркарки заминуваат на екскурзија, грото наши кошаркарки се 2006 година, двете Бугарки се 21 и 31 година и затоа се надевам дека догодина сите ќе бидат полнолетни и ќе можат да одиграат уште поквалитетни натпревари. Со Бскет Кам кој е куп првак и шампион на Македонија ќе одиграме борбено и тимски и ќе покажеме на публиката дека Делчево е центар на кошарката во Македонија, додаде Петровски.

Натпреварот во Делчево се одигра пред полни трибини за што од домашниот тим упатија огромна благодарност за нивната поддршка. вс/зс/

Фото: МИА

Остани поврзан