• среда, 18 декември 2024

Состојка во бебешката пудра со можни канцерогени својства

Состојка во бебешката пудра со можни канцерогени својства

Лион, 8 јyли 2024 (МИА) - Меѓународната агенција за рак и истражување (ИАРЦ) при Светската здравствена организација го класифицираше талкот како „веројатно канцероген“ за луѓето, пренесува „Сајенс алерт“ (Science Alert). Талк или талциум е природен минерал којшто се ископува во многу делови од светот, а потоа се  користи како состојка во бебешката пудра или во некои видови козметика. 

„Одлуката на СЗО е заснована на ограничени докази дека талкот може да предизвика рак на јајниците кај жените, доволно докази дека е поврзан со рак кај стаорци и силни механички докази дека покажува канцерогени знаци во човековите клетки“, соопшти ИАРЦ.

Сепак, најважната изложеност на талк се случува при ископувањата на пинералот, преработката или во фабричката изработка на производите.

Агенцијата додава дека постојат и бројни други истражувања коишто покажуваат зголемување на стапката на рак на јајниците кај жените кои користат талк во прав, особено во пределот на гениталиите. Но, ИАРЦ нагласува дека не може да се исклучи дека талкот во некои прочучвања бил контаминиран со азбест, што исто така, предизвикува рак.

„Причинската улога на талкот не може целосно да се утврди“, според наодите објавени во „Лансет онколоџи“ (The Lancet Oncology).

Треба да се има на ум дека студиите биле набљудувачки и затоа не можат да ја докажат причинско-последичната поврзаност.

Најавата доаѓа само неколку недели откако американскиот фармацевтски и козметички гигант „Џонсон и Џонсон“ се согласи да плати 700 милиони долари за да ги реши обвинувањата дека ги доведувал корисниците во заблуда околу безбедноста на производите со талк во прав. „Џонсон и Џонсон“ не призна дека прописите се прекршени, иако ги повлече своите производи од северноамериканскиот пазар во 2020 година.

ИАРЦ, исто така,  го класифицира акрилонитрилот - хемиско соединение што се користи за производство на текстилни полимери, како канцероген за луѓето, со највисоко ниво на предупредување. Полимерите направени од акрилонитрил се користат во широка палета производи - од конците во облеката до теписи, пластика и други производи за широка потрошувачка.  си/

Фото: Пиксабеј

Остани поврзан