• сабота, 21 декември 2024
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Бислимоски: Од 1 јануари за 0,92 отсто поскапува цената на електричната енергија за домаќинствата

Бислимоски: Од 1 јануари за 0,92 отсто поскапува цената на електричната енергија за домаќинствата

Скопје, 18 декември 2024 (МИА) -  Просечната цена на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари ќе се зголеми за 0,92 проценти. Во првиот блок зголемувањето е 0,68 проценти, во вториот за 0,9 проценти, во третиот за 1,93 проценти, во четвртиот за 2,24 проценти, a евтината тарифа поскапува за 0,9 проценти, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). 

Согласно барањето на ЕВН хоум, како што рече претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на денешната прес-конференција, цената на електричната енергија за домаќинствата требаше да се зголеми за 4,4 проценти. 

-Ова ни е прва одлука во која што го искористивме  контролниот механизам во однос на определувањето на цената на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. ЕВН Хоум како универзален снабдувач до РКЕ достави на контрола и разгледување одлука на 5 декември оваа година. Согласно нивното барање цената за домаќинствата требаше да се зголеми за 4,4 проценти. Во најголем дел немавме разлики, а единствената разлика која постои меѓу тоа што сега го одобривме и тоа што го достави ЕВН е во однос на факторот на корекција  и за да обезбедуваме ценовна стабилност и цени кои ќе имаат минимално влијание врз вкупните трошоци за електрична енергија на граѓаните постапивме на овој начин. Како што ветивме, просечната цена на електричната енергија за домаќинствата се зголемува за 0,92 проценти, рече Бислимоски. 

Тоа, како што посочи, значи дека едно просечно домаќинство во државата кое има сметка од 2.300 денари ќе има зголемен трошок од 21 денар. 

-Цената за електричната енергија кај домаќинствата се состои од два дела, едниот дел е енергија, другиот дел е мрежарина. Мрежарината за сите блокови е иста и сега изнесува 2,14 денари. За првиот блок цената на енергијата е 4,44 денари, а заедно со мрежарината е 6,58 денари за киловат час, а претходно изнесувала 6,53. Збирната цена за вториот блок е 7,71 денар, а претходно изнесувала 7,64 денари. Цената во третиот блок е 9,57, а претходно изнесувала 9,39 денари. Во четвртиот блок е 20,4 денари, а претходно изнесувала 20 денари. Цената на евтината тарифа изнесува 4,12 денари,  а претходно изнесувала 4,08 денари, појасни Бислимоски.

Потсети дека со претходната одлука РКЕ ја намали цената на мрежарината пред се во делот на дистрибуција.

-Тоа ни овозможи да имаме покомотна позиција кога ја носевме оваа одлука која што се однесува на универзалниот снабдувач. И покрај тоа што ЕСМ ја зголеми од 60 на 62 евра за мегават час цената по која ја продава електричната енергија на ЕВН Хоум намалувањето на цената на мрежарината ни овозможи да ја донесеме оваа одлука, посочи Бислимоски.

Со новата одлука, како што прецизира, на универзалниот снабдувач, кон кого долгот изнесува околу 870 милиони денари, му се враќаат 65 милиони денари од долгот и дополнително му се враќаат уште 132 милиони денари од повеќе остварен приход.

-Долгот ќе се врати како што е предвидено со факторот на корекција и со нашиот тарифен систем, но тоа ќе го правиме чекор по чекор за да нема никакво влијание врз крајните потрошувачи, односно пред се кај домаќинствата. Секоја година ќе анализираме кога ќе доставуваат барање за цена и во зависност од приходите колку ќе ги остваруваат ќе враќаме дел од долгот. Очекувам дека за максимум 6-7 години ќе го порамниме долгот кај универзалниот снабдувач, рече Бислимоски.вј/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан