Современи оперативни практики почнаа да се применуваат во Општата болница Куманово
- Тим од кумановски хирурзи, ортопеди и трауматолози од јавната здравствена установа Општа Болница Куманово, од денеска почна со примена на нова и современа оперативна техника наменета за третман на проксимални фрактури на бутната коска со механизам на двојна компресија.
Куманово, 11 ноември 2025 (МИА) - Тим од кумановски хирурзи, ортопеди и трауматолози од јавната здравствена установа Општа Болница Куманово, од денеска почна со примена на нова и современа оперативна техника наменета за третман на проксимални фрактури на бутната коска со механизам на двојна компресија.
- Нашиот тим на хирурзи, ортопеди и трауматолози е обучен за примена на оваа најнова технологија која претставува значителен напредок во третманот на трауматолошки повреди. Оваа техника претставува третман на интрамедуларни фрактури со двоен компресивен механизам и истата придонесува висока биомеханичка стабилност, оптимална компресија и најважно за пациентите, брза постоперативна мобилизација, изјави директорот на болницата, Сашо Стошевски.

Оваа е само прва фаза во која се планира болницата да стане регионален центар за североисточниот дел на Македонија.
- Имаме амбиции да прераснеме во национален центар за проксимален фемур. ЈЗУ Општа болница Куманово бележи континуирана посветеност кон унапредување на хируршките методи и подобрување на грижата за пациентите. Се стремиме да бидеме лидери во примената на иновативни технологии кои овозможуваат подобри резултати и поквалитетен живот на пациентите, вели Стошевски.
Општа болница покрива територија на шест општини од североистокот и обезбедува секундарна здравствена заштита за Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Кратово и Ранковце со приближно 200.000 граѓани. Во близина се и три гранични премини, меѓу нив и најфреквентниот Табановце. ам/рп/
Фото: МИА