• недела, 22 декември 2024

Советот на Општина Велес побара од MOН да го почитува предлогот на локалната власт за упис на ученици во прва година во Гимназијата „Кочо Рацин“

Советот на Општина Велес побара од MOН да го почитува предлогот на локалната власт за упис на ученици во прва година во Гимназијата „Кочо Рацин“

Велес,12 април 2024 (МИА) - Локалната власт бара од Mинистерството за образование и наука во Гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес  да се запишат 204 ученици во шест паралелки и тоа четири паралелки со изведување на настава на македонски јазик, една билингвална македонско - англиска паралелка  и  една паралелка со изведување на настава на јазикот на заедницата - албански јазик.

Министерството за образование и наука во распишаниот конкурс за 2024/25 учебна година предивдува ист број слободни места за  204 ученици во шест паралелки, но со тоа што  се предвидени три паралелки со настава на македонски јазик, две паралелки со настава на албански јазик и една билингвална паралелка на македонски и англиски јазик.

Како што денеска за медиумите информираат  од Советот на Општина Велес, тие на вонредна седница неделава со 20 гласа за биле против намалување на една паралелка на македонски наставен јазик за сметка на зголемување на две паралелки на албански наставен јазик. Еден од аргументите на членовите на Советот на Општина Велес се дека и реално нема ученици кои го исполнуваат условот за запишување на втора паралелка на албански настевен јазик во велешката Гимназија „Кочо Рацин“.

Овој Заклучок на Советот на Општина Велес е објавен на 9 април и стапува на сила наредниот ден од денот на  објавување во „Службен гласник на Општина Велес” поточно oд 10 април 2024 година

Директорот на Гимназијата Илија Попов информираше дека 11-те  ученика со настава на албански јазик, а  кои дополнително по барање на МОН лани есента беа примени во велешката Гимназија, имале вкупно 64 единици, што резултирало со симнување на просекот во велешката гимназија која е една од најстарите и најреномираните гимназии во земјава.

-Ние не сме против некој да не се запишува, туку да не се запишуваат ученици со помал број поени од предвидените. Овој број слаби оценки го симна  и успехот во Гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес, а  која важи за една од најдобрите во земјава. Не е во ред да бидат одбиени  ученици кои конкурирале за македонските паралелки со помалку поени од 60, а да бидат примени ученици во албанска паралелка со единици и со помалку поени од 60. Ако правилото важи за едни треба да важи и други. Ние не сме против да се примаат ученици на албански наставен јазик, но, тие да бидат добри ученици со поени над 60, а колку што се неопходни  според конкурсот за упис на ученици во Гимназија, дециден е директорот Попов.

Во спротивно тој и наставниците се закануваат дека ќе ја бојкотураат наставата. ад/сст/

фото МИА архива

Остани поврзан