• четврток, 22 февруари 2024

Советот на ЕУ ги усогласи позициите во однос на предлозите за побезбеден патен сообраќај во ЕУ 

Советот на ЕУ ги усогласи позициите во однос на предлозите за побезбеден патен сообраќај во ЕУ 

Брисел, 4 декември 2023 (МИА) - Советот на ЕУ денеска ги усогласи заедничките позиции на земјите членки во однос на предлозите на Европската комисија за измени на т.н. законодавен пакет за „безбедност на патиштата“, чија цел е овозможување на побезбеден патен сообраќај во Европа, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Станува збор за прописите за возачки дозволи, за директивата за прекугранична размена на информации за сообраќајни прекршоци и за правилата на автобуски превоз на патници. 

Според шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте овој пакет ќе ја подобри безбедноста на европските патишта и ќе гарантира побезбедни населени места низ ЕУ. 

Со измените на Директивата за возачки дозволи што ги предложи ЕК, се предвидуваат построги правила за возачите почетници во текот на првите две години по полагањето на возачкиот испит, како и за издавањето мобилна возачка дозвола и за медицинските преглед за здравствената состојба на возачите. 

Во усогласената верзија на Советот на ЕУ се предлага и намалување на рокот на важност на возачките дозволи за повозрасните лица, дополнителни правила за проверка на физичката и менталната состојба за возење пред издавањето и обновувањето на возачките дозволи, прецизирање на техничките елементи за мобилните возачки дозволи, правилото за возење со придружба за почетници да важи само за дозволите од Б категорија, како и можност лицата да го полагаат теоретскиот дел од возачкиот испит во државата во која живеат, иако имаат државјанство на друга земја членка. 

Во усогласените предлози за измени на Директивата за прекугранична размена на информации за сообраќајни прекршоци поврзани со безбедноста на патиштата, се воведуваат повеќе дополнителни прекршоци, меѓу кои и за непочитување на забраните за пристап на возилата, за правилата на железничките премини, како и за случаи на судар и бегство по сообраќајна незгода, како и за процедурите за достапност до податоците за регистрација на возилата и за мерките за заштита на основните права на возачите. 

Со измените на правилата за автобуски превоз се предвидуваат промени во должината на времето на возење и на периодите на одмор за возачите при превозот на патници. Со усвоениот предлог од страна на Советот се предвидува возачите да прават паузи во вкупно траење од 45 минути распоредени по 15 минути во периодот на возење од четири и пол часа, доколку вкупното времетраење на патувањето не надминува седум часа, како и можност за одлагање на дневниот период за одмор за еден час, под услов вкупното акумулирано време на возење тој ден да не надминува седум часа, при што оваа опција може да се користи еднаш при патувања во траење од најмалку шест дена или двапати при патувања од најмалку осум дена. 

Исто така, се предлагаат и измени на спецификациите на тахографот, со цел од уредот да може да се исчитува и видот на превозот на патници, со што се укинува обврската за носење на документација за овие податоци. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан