• недела, 22 декември 2024

Советот на Град Скопје му додели 15 милиони денари помош на ФК „Вардар“

Советот на Град Скопје му додели 15 милиони денари помош на ФК „Вардар“
Скопје, 14 ноември 2022 (МИА) - Советот на Град Скопје со 19 гласови „за“, пет „против“ и четири „воздржани“ денеска усвои амандман поднесен од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ за доделување финансиска помош од 15 милиони денари на ФК „Вардар“. Градоначалничката Данела Арсовска оцени дека со оваа помош „ќе се наполнат туѓи џебови или ќе се исплатат извршителите“ и ја повика Финансиската полиција да изврши контрола во клубот. Таа истакна дека е потреба сериозна анализа и изнаоѓање на соодветно трајно решение за овој проблем, барајќи клубот да се врати под ингеренции на Град Скопје. - Од 2021 година клубот го има превземано фирма којашто го однела во втора лига. Таа фирма нема исполнето ниту една од обврските согласно договорот за купо-продажба, односно исплата на обврските од над два милиона евра којашто ги презела за да може да го води ФК „Вардар“, истакна Арсовска. Таа додаде дека Градот Скопје нема никакво влијание и контрола на одлуките на оваа фирма, и дека со одлуката за помош наместо да се реши целиот проблем, ќе се доделат 250 илјади евра на приватни фирми коишто го имаат донесено ФК „Вардар“ во оваа состојба, а притоа Градот нема да има никаков удел ниту во контролата, ниту во тоа што се случува таму. - Освен што ќе ги наполниме џебовите на приватна фирма и што ќе ги наполниме џебовите на извршители коишто ја имаат блокирано сметката на фудбалскиот клуб, јас не гледам дека нешто друго ќе реализираме. Што ќе исполниме со ова? Сметам дека прво треба да повикаме една акција на Финансиската полиција, сите надлежни институции, да влезат внатре, да видат на кој начин работи и функционира ФК „Вардар“ во изминатата година, истакна Арсовска. Советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски, изјави дека фудбалерите веќе четири месеци немаат земено плата и мора да се изнајде системско решение за во иднина да не се случува ова. - ФК „Вардар“ е во многу големи проблеми и да не е во сопственост на градот, но за состојбата во која што се наоѓа можеме да бараме вина во претходното раководство на Градот и немањето слух да преземе чекори за да не дојде клубот во оваа состојба во која се наоѓа, односно во Втора лига со милионски долгови, посочи Нелоски. Претходно, едногласно беше прифатен и амандманот на советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска за субвенционирање на енергетската сиромаштија со коешто ќе се помогне на социјално ранливите категории на граѓани. За време на седницата, советничката избрана од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Попова, се изјасни дека од денеска ќе дејствува како независен советник во градскиот Совет. сх/сп/

Остани поврзан