• петок, 20 декември 2024

Расправата за изборот на новите министри продолжува напладне

Расправата за изборот на новите министри продолжува напладне

Скопје, 24 февруари 2023 (МИА) – Доцна вечерва заврши собраниската седница на која се расправа за изборот на новите министри, а продолжението е закажано за денеска во 12 часот.  

Пратениците расправаат за изборот на Кренар Лога за министер за правда, Фатмир Меџити за министер за здравство, Азир Алиу за министер за информатичко општество и администрација и Каја Шукова за министер за животна средина. 

Премиерот Димитар Ковачевски ја побара довербата од пратениците и од јавноста за формирање на постабилна, поуспешна, поефикасна и фокусирана Влада. 

Пратениците од опозицијата обвинија дека тројца од предлозите за министри биле соработници на претходната власт, односно, како што рекоа, „тие што ги напаѓаат за криминал и корупција“. 

Расправата за новите министри почна откако по две недели заврши дебатата за разрешувањето на претходните министри од редовите на „Алтернатива“ за здравство Беким Сали, за информатичко општество Адмирим Алити и на министерот без ресор задолжен за дијаспора, Џемаил Чупи. На стартот на седницата што почна на 13 февруари, беа констатирани оставките на министрите за правда Никола Тупанчевски и за животна средина Насер Нуредини, како и на замениците-министри за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу.

На 104. седница треба да бидат разрешени и замениците-министри  и за одбрана, за земјоделство и за образование и наука, Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу и да бидат избрани нивни заменици. аа/бак/

Остани поврзан