• понеделник, 23 декември 2024

Комисијата за финансирање и буџет усвои повеќе заклучоци по дебатата за финансиските извештаи на ДЗР за онкологија

Комисијата за финансирање и буџет усвои повеќе заклучоци по дебатата за финансиските извештаи на ДЗР за онкологија

Скопје, 16 октомври 2023 (МИА) – Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја заврши 71. седница на која беа усвоени повеќе заклучоци од дискусијата за финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје.

Првиот заклучок беше укажувањето на Собранието дека одговорните лица на субјектот предмет на ревизија, ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје, треба да постапат и да ги спроведат сите препораки дадени во конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година.

- Собранието ги повикува одговорните лица за раководење и управување со клиниката да преземат мерки за изготвување и донесување на медицински протоколи за приклучување на пациенти на биолошка терапија и да обезбедат нивна доследна практична имплементација. Приклучувањата на биолошка терапија да се врши исклучиво врз основа на мислење на стручен колегиум кој има обврска да ги утврди реалните потреби и да му ги предложи на директорот на клиниката, кој во соработка со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување имаат обврска да ги обезбедат потребните финансиски средства за набавка на истите, заклучи Комисијата. 

Во координација со МЗ и Фондот за здравствено осигурување да се обезбеди условниот надоместок, да ги одразува реалните потреби на пациентите и клиниката а при набавка на потребната терапија да се почитуваат основните одредби на член 4 и 5 од Закон за јавни набавки.

Собранието ги повика одговорните лица за раководење и управување со клиниката да спроведат попис на сите средства и обврски на клиниката согласно правилникот за сметководство на буџетите и буџетските корисници. Одговорните лица на клиниката да донесат процедури за начинот на прием, издавање, потрошок и евидентирање на залихата на лекови и медицински потрошен материјал. 

Имајќи предвид дека Државниот завод за ревизија констатирал дека клиниката има преземено обврски над одобрениот буџет кои предизвикуваат судски постапки, плаќање на дополнителни трошоци, камати и административни такси и друго, Собранието укажува на МЗ и Фондот за здравствено осигурување, при одобрување на потребните средства, тие да ги одразуваат реалните потреби на клиниката и пациентите, а одговорното лице на клиниката да пристапи кон подготовка на план за подмирување за останатите обврски и преземањето на понатамошните обврски да биде во рамки на одобрениот буџет без притоа да се наруши квалитетот на услугите кои се даваат на пациентите.

Поради фактот што Државниот завод за ревизија констатирал дека во текот на 2016 година МЗ во име и за сметка на клиниката има набавено линеарен акцелератор со цел подобрување и зголемување на достапноста на медицинските услуги, Собранието ги повикува одговорните лица за раководење и управување со клиниката, во соработка со Фондот за здравство и МЗ, во консултации со овластениот сервисер да направат анализа на можните решенија со цел да се донесе оптимална одлука за ставање на акцелераторот во употреба, или набавка на нови акцелератори со цел обезбедување на долгорочно функционирање на одделот за радиотерапија.

Според заклучокот на Комисијата, во 2023 година од страна на одговорните лица на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје доставен е допис до МЗ и Владата во кој информираат за проблеми со кои клиниката се соочува во функционирањето, како што е зголемена фреквенција на пациенти и постојан надоместок на лекови, особено лекови за биолошка терапија за кои се одобрува условен буџет од причина што во онколошките одделенија на клиничките болници во Битола, Штип, Градска болница „8-ми Септември“ има недостаток на стручен кадар и опрема. Со цел да се овозможи клиниката да може да врши навремени и квалитетни услуги, Собранието бара Владата во рамки на своите надлежности да преземе активности за создавање на услови за рационално и ефикасно користење на опремата на јавните здравствени установи каде што се создадени услови за давање на здравствени услуги во областа на радиотерапија и онкологија со што би се дисперзирале здравствените услуги од оваа област.

- Согласно член 92 г од Законот за здравствена заштита, Министерот за здравство е должен да воспостави национален систем за материјално финансиско и сметководствено работење на јавните здравствени установи. Покрај тоа што оваа законска обврска е воведена во 2015, ДЗР констатирал дека активностите на Министерството се во почетна фаза и националниот систем од јануари 2018 година не е во функција поради необезбеден договор за негово одржување. Собранието бара МЗ да преземе активности за имплементација и функционирање на националниот систем за материјални финансиско и сметководствено работење на ЈЗУ, стои во еден од заклучоците.

Собранието ги повика одговорните лица во субјектот предмет на ревизија ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје да постапат по препораките и до Собранието да состават извештај за спроведување на препораките дадени во конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година

Собранието му препорачува на ДЗР да спроведе ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2023 година на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија со ревизија на преземените мерки по дадени препораки и ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2023 година на МЗ.

Од Комисијата посочија дека имајќи предвид дека ДЗР има констатирано состојби кои што се однесуваат на набавка на реагенси за медицинска опрема, апарати со затворени системи и состојби кои се однесуваат на сервисирање и одржување на медицински апарати од правни субјекти кои имаат монополска позиција – ексклузивно право, пратениците ќе преземат активности за измена и дополнување на Законот за јавни набавки со цел доуредување на одредбите.

- ДЗР во конечниот ревизорски извештај констатирал дека Владата на предлог на МЗ подготвува соодветни програми за здравствена заштита на населениот притоа не обезбедувајќи доволно средства за реализација на утврдените активности. Собранието укажува дека е потребно МЗ во соработка со Министерството за финансии да ги обезбеди потребните средства за реализација на утврдените активности и изврши подмирување на останатите обврски спрема јавните здравствени установи, односно спрема ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје, велат од Комисијата.

Собранието му препорачува на МЗ да достави задолжување до јавните здравствени установи да обезбедат информација за опрема која е набавена, но не е ставена во употреба со објаснување кои се причините за тоа и во координација со надлежните органи да преземе мерки и да создаде услови да се стави во употреба.

На крајот, Комисијата одлучи овие заклучоци, заедно со Извештајот на комисијата да се достават до ДЗР, Јавното обвинителство, Владата, Министерството за здравство и ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје.

Расправата во Комисијата почна минатата недела, кога извештајот го презентираше главниот државен ревизор, Максим Ацевски, кој посочи дека се констатирани низа пропусти кои се однесуваат на работењето на здравствената установа, кои директно влијаат и на услугите што ги дава на пациентите.

За утре е закажана седница на Анкетната комисија што ја формираше Собранието со цел да се утврди евентуална политичка одговорност за случајот. ар/ев/
ФОТО/МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан