• недела, 22 декември 2024

Собранието со консензус ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик

Собранието со консензус ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик
Скопје, 21 ноември 2022 (МИА) - Собранието во рамки на продолжението на 51. седница денеска со 85 гласа „за“ ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик. Главните интервенции со овој закон се во однос на имплементација на Истанбулската конвенција, во кривичните дела кои се поврзани со безбедноста на новинарите, менување на одредени одредби од Кривичниот законик во сферата на конфискацијата и тортурата како резултат на пресуди донесени од Европскиот суд за човекови права со кои се утврдува повреда на одредби од Конвенцијата, како и усогласување на Кривичниот законик со Директивата (ЕУ) 2017/1371 за борба против измама во врска со финансиските интереси на Унијата со примена на кривичното право. Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе ги поддржи измените, но рече дека не е согласно Уставот и оти е дискриминаторски делот којшто се однесува на родово насилство врз девојчиња и жени до 18 години, имајќи предвид дека насилството може да биде и врз жени или тие да го сториле врз мажи. Така, таа смета дека во тој контекст треба да се доусогласи Кривичниот законик односно да се предвиди во новиот кривичен законик. Посочи исто така и на делот на економското насилство. Снежана Калевска Ванчевска од СДСМ истакна дека за поздравување е носењето на измените на Кривичниот законик имајќи предвид дека тој долго време се усогласувал и оти во неговата изработка биле вклучени сите интересни страни. Во делот на заштитата на новинарите во вршењето на нивните работни задачи со член 6 ставот 8 се предвидува квалифициран облик на кривичното дело „Убиство“ за убиство на новинар или друг медиумски работник, а исто така се предвидува кривичното дело „Присилба“, „загрозување на сигурноста“, како и кривичното дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“. Освен за новинарите членот 6 став 8 се однесува и на лишување од живот на судија, јавен обвинител при вршењето на неговата функција, односно дејност, адвокат, лекар или друг здравствен работник, или друго лице што врши работи од јавен интерес при вршењето на професионалните задачи или во врска со вршењето на професионалните задачи кои ги презема во рамките на своите овластувања или службено или воено лице при вршењето на работите на јавната или државната безбедност или на должноста чување на јавниот ред, фаќање на сторител на кривично дело или чување на лице лишено од слобода. Најголемиот дел од измените и дополнувањата на Кривичниот законик се во однос на одредбите со кои се имплементира Истанбулската конвенција. Така, во членот 122 семејното насилство се дефинира како малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко, физичко или економско насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, вклучувајќи и закани за такви дејствија спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко  домаќинство, како и спрема сегашен или поранешен брачен другар, вонбрачен партнер или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, без оглед дали сторителот го дели или го делел истото живеалиште со жртвата или не. Исто така, постојната дефиниција на „жртва на кривично дело“ се доополнува со жртва на родово базирано насилство под што се подразбира секоја жена и девојчиња до 18 години спрема кои под тие околности е сторено кривичното дело. За прв пат се дефинира и родово базираното насилство врз жените кое означува насилство насочено против жената поради нејзина припадност на женскиот род што доведува или може да доведе до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и директни и индиректни закани и заплашување за такви акти, изнуда или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот. Во членовите 6, 7, 9, и 24 се пропишани квалифицирани облици на соодветните кривични дела со построги казни доколку тие се извршени или се последица од родово базирано насилство. Со членот 8 се вградува ново кривично дело „Осакатување на женски полови органи“ со кое е пропишана казна затвор од шест месеци до пет години. Доколку делото е сторено од омраза, или спрема дете, или е предизикана тешка телесна повреда на женското лице, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години, ако пак поради делото член настапила смрт на женското лице сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години. Со членот 16 од Предлогот се пропишува ново кривично дело „Демнење“, сгласно одредбите од Истанбулската конвенција. За основниот облик на ова дело е пропишана парична казна или затвор до три години за оној што повторено неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг, или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на користење на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице. Доколку пак делото е сторено спрема лице со кое сторителот е или бил во интимна врска или спрема дете, пропишана е казна затвор од шест месеци до пет години. Едни од најзначајните новини во однос на имплементацијата на одредбите на Истанбулската конвенција се членовите 20, 21, 22, 23 и 24 од законот. Со членот 20 се пропишува единствено кривично дело Полов напад и слилување согласно одредбите од Истанбулската конвенција. Заради усогласување со меѓународните стандарди е и интервенцијата во кривичните дела „Полов однос со немоќно ливе“ и „Полов напад врз дете кое не наполнило 15 години“. Во контекст на усогласување со Истанбулската конвенција е и предложеното ново кривично дело „Полово вознемирување“ при што, е пропишана парична казна или со затвор до една година за оној што со вербално или физичко дејствие кое има директно или индиректно, реално или симболично значење на наведување, непристојна понуда, намамување, изразување полова страст или друго дејствие кое јасно потсетува на полов однос или други со него изедначени полови  дејствија, ќе вознемири лице кое му е подредено или спрема него се наоѓа во однос на зависност, друго лице на работа или на јавно место или лице што е ранливо поради возраст, болест, попреченост, зависност од дроги, бременост или тешки телесни или душевни пречки, и со тоа ќе го повреди неговото достинство, предизвикувајќи чувство на непријатност, навреденост, понижување или страв. Со членот 25 од предлогот со кој се додава нов став (6) во членот 215, се врши техничко подобрување на текстот во насока на појаснување на одредбата. Имено, одредбите од Кривичниот законик, а кои се однесуваат на членот 215 „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори„ не предвидува кривично дело во однос на личната употреба на дрога, но праксата на судовите во земјата покажува спротивни ставови содржани во пресудите. Претходно во рамки на 57. седница претседателот на Собранието Џафери информираше дека измените и дополнувањата на Законот за додадена вредност, по скратена постапка, е повлечлен од Владата. ев/нд/

Остани поврзан