• петок, 22 ноември 2024

Собранието расправа за изборот на новите министри

Собранието расправа за изборот на новите министри

Скопје, 23 февруари 2023 (МИА) – Премиерот Димитар Ковачевски на седницата за избор на нови министри во Владата што продолжи вечерва, ја побара довербата од пратениците и од јавноста за формирање постабилна, поуспешна, поефикасна и фокусирана Влада. 

-Сакам јасно да констатирам кои ќе бидат идентитетот и карактеристиките на новата Влада -Стабилност! Ефикасност! Успешност! Работа! Чесност! Сојуз за Европа, Европска Македонија, Европска перспектива!, нагласи Ковачевски. 

Денес, како што истакна, го зголемуваме парламентарното мнозинство, формираме нова, постабилна и поуспешна Влада и со влезот на Алијанса за Албанците и со избор на нови министри и заменици министри. 

-Иако, многу искрено, добронамерно, заради државата, затоа што како држава ни треба обединување, понудив рака за соработка со опозицијата, понудив можност за заедничка работа, за жал, истата беше одбиена.Не само што не помагаат, не само што не нудат алтернативи, туку тие ѝ одмагаат на државата, подвлече Ковачевски. 

Денешниот предлог, посочи тој, е реконструкција, реконфигурација на Влада на Република Северна Македонија. 

- Не е предлог на партии, не е предлог на етникуми, не е предлог на поединци. Тоа е предлог за целина. Не зборувам и нема да зборувам за дропки, за децимали, за баланси.Бидејќи, на крајот се бројат и мерат, резултатите и успесите. Тоа е најважно, истакна премиерот. 

Со формирање на новата Влада, како што додаде, ќе може веќе следната недела да констатираат нов пораст на минималната плата од 20 илјади денари, зголемување на пензиите во март за дополнителни 8,4 проценти, за да ја започнат изградбата на Коридорите 8 и 10-Д, како и за граѓаните да видат дека во 2023 година ќе се инсталираат обновливи извори на енергија од 300 мегавати. 

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека премиерот не кажал ништо за новите предлози за министри и зошто се тие подобри од претходните.  

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев коментирајќи ги предлозите за нови министри во Владата истакна дека тројца од нив биле соработници на претходната власт, односно, како што рече, „тие што ги напаѓаат за криминал и корупција“. 

- Азир Алиу – предлогот за министер за информатичко општество и администрација во периодот  од 2013 до 2017 бил ни повеќе, ни помалку советник на премиерот. Кој беше 2013-2017 премиер знаете?, рече Јанушев. 

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ, пак, потенцира оти очекувала да слушне за назначување на новите министри по некој убав збор и  зошто овие кандидати имаат подобри менаџерски перформанси. 

- Не слушнавме ништо за разрешувањето на министрите, очекував да слушнеме за назначување на новите по некој убав збор и зошто овие кандидати имаат подобри менаџерски перформанси.  Македонија е во слободен пад и ако неспособниве останат на власт ќе тресне и се плашам да не се распарчи и дали ќе можеме да ја составиме, рече Ласовска. 

Според пратеничката Ане Лашкоска со Алијанса за Албанците во Владата нема да се промени ништо, само, како што рече, за кратко се продолжува мандатот на Ковачевски.  

Пратеничката Лидија Петковска порача Кренар Лога доколку седне на министерското столче најпрво да се зафати со расчистување на делата на сопствениот брат.  

- Според некои извори за кои ќе кажам дека се неофицијални Кренар Лога кој по дефиниција треба да се бори за владеење на правото би го советувала ако седне на министерското место веднаш и без одлагање да ги расветли најпрво случаите за сопствениот брат. Имено братот на Кренар Лога е осомничен за најстрашни дела кои не сакам ни да ги изговорам овде бидејќи се навистина страшни. Велам дела не дело што значи ги има повеќе, истакна Петкоска. 

Пратеникот Миле Лефков нагласи дека наместо предлози за спроведување програма ова се предлози за, како што кажа, злоупотреба на терминот европски, корупција и богатење на блиските од власта. 

Пратеникот Дајанчо Ефтимов упати прашање до премиерот дали Тупанчевски им пречел „бидејќи обелоденил дека само 20 проценти од Националната стратегија за реформи во правосудството за цели пет години се исполнети“. 

Претходно, по предлогот за разрешувања доставен од премиерот Ковачевски, Собранието ги констатираше оставките на министерот за правда Никола Тупанчевски и на министерот за животна средина Насер Нуредини, а со зголемено парламентарно мнозинство, Собранието на Република Северна Македонија ги разреши: Беким Сали од функцијата министер за здравство, Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација и Џемаил Чупи, од функцијата министер без ресор, задолжен за дијаспора. мс/аа/

Остани поврзан