• петок, 05 декември 2025

Собранието на Србија расправа за буџетот на државата, Фискалниот совет предупредува дека е неопходна реформа на буџетските резерви

Собранието на Србија расправа за буџетот на државата, Фискалниот совет предупредува дека е неопходна реформа на буџетските резерви

Белград, 26 ноември 2025 (МИА) - Пратениците на Собранието на Србија денеска ја продолжуваат третата редовна седница од есенската сесија со дебата за сите 58 точки на дневен ред, меѓу кои е и Предлог-законот за буџетот за 2026 година.

Законскиот максимум на буџетски резерви во Србија е широк и изнесува четири проценти од приходите. Предлог-буџетот во 2026 година предвидува дека буџетските резерви изнесуваат нешто повеќе од 800 милиони евра. Ако се земе предвид дека планираните вкупни приходи се околу 20,6 милијарди евра, максималниот износ на резервата е околу 824 милиони евра.

Фискалниот совет на Србија предупреди дека извршувањето на буџетот за 2026 година повторно би можело „значително да отстапи“ од планот усвоен од Собранието. Ова се должи на фактот дека постојниот систем на користење на тековните буџетски резерви и овозможува на Владата на Србија да ја промени својата фискална политика надвор од парламентарните процедури. Наодите на Државната ревизорска институција (ДРИ) за трошењето во 2024 година ја потврдуваат големината на тој проблем - во текот на една година, донесени се дури 248 одлуки за користење на резервите, што значи дека пари биле повлекувани речиси секој работен ден.

Во Проценката на предлог-буџетот за 2026 година, Фискалниот совет на Србија наведува дека е потребна реформа на тековната буџетска резерва.
„Извршната власт во Србија во моментов има прекумерни дискрециони овластувања да ја менува фискалната политика во текот на годината на нетранспарентен начин, надвор од вообичаените парламентарни процедури“.

Советот потсетува дека тековните резерви во повеќето европски земји се ограничени на помали, специфични корекции што не бараат ребаланс. Меѓутоа, во Србија таа служи како паралелен канал за финансирање на нови политики.
Фискалниот совет го оцени предложениот буџет за 2026 година како одржлив, но сепак нетранспарентен.
„Практиката на систематско користење на речиси целата, широко дефинирана законска максимална резерва од четири проценти од буџетските приходи е воспоставена - а во некои години (2020 и 2022 година) дури и оваа дарежлива граница беше надмината“.

Финансирањето на нови ad hoc политики од резервите е особено проблематично, кое по природа на нештата би морало да биде предмет на јавна дискусија и гласање во Собранието, наведуваат тие.

Советот заклучува дека е потребно реформата да се спроведе преку три точки: намалување на максималниот дозволен износ на резервите, прецизно дефинирање на дозволените цели и значително подобрување на транспарентноста заради „целосна јавна контрола и спречување на создавање паралелна фискална политика надвор од буџетот усвоен од парламентот“.

Државните ревизори дојдоа до сличен заклучок кога ја проверија завршната сметка за 2024 година. Тие изјавија дека, иако овластувањата на Владата се дефинирани со Законот за буџетски систем, практиката на прераспределба на средствата далеку ја надминува првичната цел.

Така, ДРИ утврди дека во 2024 година, во Службен весник се објавени вкупно 248 одлуки за користење на тековните резерви. Вкупните планирани средства за тековните резерви за целата година изнесуваат осум милијарди динари, од кои се распределени дури 7,94 милијарди динари.

Ревизорите забележуваат дека голем дел од одлуките за користење на резервата не се јасно објаснети. 
ДРИ исто така наведува дека е јасно дека користењето на тековната буџетска резерва во Србија со години ја надминува својата намена и дека затоа бара длабинска реформа. зш/ссм/

Остани поврзан