• петок, 22 ноември 2024

Собранието го одбележа Меѓународниот ден на демократијата

Собранието го одбележа Меѓународниот ден на демократијата

Скопје, 17 септември 2024 (МИА) – Во Собранието денеска во присуство на деца и младинци од основни и средни училишта беше одбележан Меѓународниот ден на демократијата, каде свои обраќања имаа претседателот на Собранието Африм Гаши, амбасадорката на Швајцарија во Скопје Вероник Хулман, како и претставникот на Националниот демократски институт (НДИ Роберт Скот Хејзлет.

Гаши во своето излагање пред присутните порача дека демократијата треба постојано да се надградува, бидејќи, како што рече, таа е база за задржување на младите во земјава.

– Тука сме да испратиме порака за поддршка на различностите, за унапредување на инклузивноста и праведноста во општеството и пред се за почит на секоја индивидуа, затоа што тоа е суштината на демократијата како круцијална вредност на современиот свет. Создавање услови за интеграција во општеството за секој поединец, независно од неговата етничка припадност, пол, вероисповед, општествена положба или политичка определба. Тоа е базата за задржување на младите во нашата држава, затоа што демократијата не е нешто што се зема здраво за готово, туку треба постојано да се надградува, порача Гаши.

Хулман истакна дека Швајцарија изминатите години го има поддржано Собранието за негово подобро функционирање, да стане потранспарентно и понезависно, како и да ја зајакне неговата надзорна улога. Таа испрати порака до политичките партии и државните институции да отворат поголем простор за младите да учествуваат и да влијаат врз процесот на донесување одлуки.

– Нашата поддршка му помогна на Собранието да воспостави независен буџет, да усвои стратешки план, да ги зајакне вештините и стручноста на кадарот, во дигитализацијата и јакнење на транспарентноста, негување на односите со граѓаните и граѓанското општество. Нашите активности исто така дадоа поддршка на меѓупартискиот дијалог со цел да се изгради политички консензус за реформите во корист на граѓаните. Сакам да нагласам дека заштитата на демократијата може да биде успешна ако младата генерација е вклучена и ги заштитува своите права преку политички или граѓански активности. Ги охрабрувам политичките партии и државните институции да отворат пологем простор за младите да учествуваат и да влијаат врз процесот на донесување одлуки, рече Хулман.

Претставникот на Националниот демократски институт Роберт Скот Хејзлет, пак, на младите им порача дека се дел од системот, иако, како што рече, не можат да го остварат својот глас.

– Имате глас, вашите идеи, вашите соништа и вашите грижи се важни. Кога споделувате она што мислите со други - дали е тоа на училиште, дома или со пријатели - вие применувате демократија. И еден ден ќе пораснете и ќе бидете во можност да гласате и да донесувате и поголеми одлуки за вашата земја, рече Хејзлет. ра/ев/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан