• петок, 22 ноември 2024

Собранието ги изгласа измените на законите за основно и средно образование

Собранието ги изгласа измените на законите за основно и средно образование
Скопје, 21 септември 2020 (МИА) – Пратениците на денешната седница со 61 пратеник „за“, ниту еден „против“ и 28 „воздржани“, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование и со 61 глас „за“, еден „против“ и 25 „воздржани“ го донесе Закоконот за изменување и дополнување на Законот за средно образование, по скратена постапка. Министерката за образование и наука Мила Царовска ги образложи законите за основно и за средно образование. Потсети дека за законот за основно образование се дисутирало многу на комисијата и смета дека сите одредби од Предлог-законското решение и измената на законот за основно обрзаование се јасни. – Утврдуваме одредена уредба која во вонредни околности ќе може да ја носи Владата се со цел да го уреди траењето на часовите, бројот на наставните денови во одредена година се со цел да се воспостави ова како механизам кој првпат ќе биде поставен во законот. Целта на оваа уредба ќе биде технички да ја уреди школската година во текот на таа година кога имаме вонредни околности. Првпат се воведува правото на учење од далечина, кое досега не било регулирано, рече Царовска. Посочи дека учењето од далечина нема да се случува само во вонредни околности, со осовременување на образовниот систем може да се смета дека овој тип на платформа ќе биде корисна и за учениците и за континуирано учење на наставниците. Министерката за образование остро реагираше на забелешките од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, напоменувајќи дека денешната состојба во образованието е последица на владеењето на ВМРО ДПМНЕ. Таа истакна дека ефектот од она што се работи денес, ќе се види за 10 до 15 години, како што се гледаат последиците од она што било сработено во минатото. Претениците од СДСМ во неколку наврати истакнаа дека е време на пандемија, со која се соочува цел свет и оти и другите, многу поразвиени земји, се соочуваат со предизвик да се справат со ситуацијата. Рекоа дека пред да се изготви предлог законот е разговарано со сите засегнати страни. Пратениците од опозицијата укажуваа на недостатоците во образованието, на тоа што работела досега, како што велат, „старо-новата Влада“. Сметаат дека ја нема дијагнозата, големата слика во основното образование во состојба на Ковид-19, ги нема профилите на наставниците. Посочија дека 40 илјади ученици немаат компјутери и ќе треба да останат дома и да гледаат ТВ. Според нив, тоа е дискриминација. Прашаа зошто не почна учебната година на време, дали ќе почне на 1 октомври, зошто нема да има скрининг на наставниците. Зошто досега не биле мапирани регионите со помалку заболени од коронавирус, како и училиштата каде нема основни услови за одржување хигиена, што е со образовните и лични асистенти на учениците со посебни потреби… Пратеникот Арбер Адеми и поранешен министер за образование и наука посочи на досега реализираните активности во образованието, како донесените законски уредби за децата да не ја изгубат учебната година, која како што рече, заврши успешно. Потсети на проектот ТВ училница што се емитуваше преку националната телевизија и додаде оти наставниците сериозно се ангажирале во целиот процес. Адеми рече дека тој и пратеничката група на ДУИ ќе дадат поддршка на ова законско решение. Укажа дека измените се потребни, неопходни и изрази надеж дека епидемиолошката слика во земјава ќе се подобри и сите ученици да се вратат во училиште. Халил Снопче од Алијанса за Албанците смета дека овој предлог-закон за основно обрзаование има за цел пренесување на сите ингеренции на Владата, а се запоставуваат Парламентот и општинските совети. Според него, Владата треба да има последен збор, но со согласност од локалната самоуправа бидејќи, како што рече, тие знаат најдобро што се случува во училиштата, инфраструктура и сл. , дека блок дотациите не се доволни за решавање на елементарните проблеми во нормални услови. Укажа дека досега онлајн наставата во земјава не се одвивала како што треба и била неуспешна. Измените и дополнувањата на законите за основно и средно образование предвидуваат во услови на вонредни околности учебната година да може да започне и да заврши во различно време за што треба да одлучи Владата. Како вонредни околности, во законите, се наведуваат прогласена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди. Одлуката на Владата може да се однесува на целата територија на републиката или на нејзин дел. -Се додава и нов став 5, кој уредува дека во услови на вонредни околности бројот на наставните денови во учебната година може да биде помал од 180, но не помалку од 100 наставни денови, зашто одлучува Владата. Ставот 6 станува став 9 и се регулира дека воспитно – образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен во случај на настапување на вонредни околности (прогласена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), зашто одлучува Владата која го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година, но не помалку од 100 наставни денови, според скратени наставни програми, кои на предлог на Бирото, ги утврдува министерот, се наведува, меѓу дургото, во образложението на измените на Законот за основно образование. Исто така се предвидува во услови на вонредни околности училиштата да организираат воннаставни активности за учениците поврзани со нивниот личен, социо-емоционален и психолошки развој. За учеството во овие воннаставни активности во вонредни околности се предвидува наставникот да води само евиденција за присуство на учениците, и не се издава додаток на сведителство. Во основното училиште во услови на вонредни околности, кога наставата е организирана преку далечинско учење, може да се организира настава со физичко присуство на учениците доколку се исполнети критериумите и условите согласно здравствените протоколи за соодветниот вид на училиште донесени од Владата согласно закон, епидемиолошката состојба на подрачјето на општината на која се наоѓа училиштето, бројот на учениците во паралелката и просторните и хигиенско санитарните услови во училиштето, на начин согласно членот 50 од овој закон. Во средните училишта ќе може да се организира настава со физичко присуство на учениците или преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација. Во вакви околности, како што се предвидува, за времетраењето на часот и за максималната бројка на ученици во паралелките во основното и во средното образование ќе одлучува исто така Владата. см/аа/

Остани поврзан