• недела, 22 декември 2024

Снежна покривка од 40 сантиметри на планината Голак

Снежна покривка од 40 сантиметри на планината Голак
Делчево, 6 март 2022 (МИА) - Делчевска планина Голак ја достигна една од најголемите снежни покривки во последните 20 години. Граѓани кои успеаја да се искачат на планината, велат дека снежната покривка изнесува околу 40 сантиметри. -Изненадени сме, а воедно и среќни бидејќи снежната покривка изнесува околу 40 сантиметри, некаде и повеќе. Што велат старите ова е вистински благодет, истакна делчевецот Стево Богдановски. Поминувајќи го најголем дел од времето на Голак каде има сопствена викендичка, вели дека оваа убавина е можно да се види единствено со теренско возило. -Патот во изминатите неколку денови за време на интензивните врнежи е непрооден, ние успеавме да се искачиме со џипови. Значи има доста снег и сите што ќе сакаат да уживаат во оваа убавина ќе треба да се намачат за да дојдат до Голак, додаде Богдановски. Што се однесува до останатите места во Пијанец, поголема снежна покривка има и на граничниот премин Делчево. -Патот до таму е прооден, наши екипи ја следат состојбата на овој патен правец, додадоа од ,,Македонија пат" Обилни врнежи од снег од утрово, освен во Пијанец се забележани и во Малешевијата. вс/вј/

Остани поврзан