• петок, 22 ноември 2024

Случај Онкологија - петмина осомничени за создавање вишок лекови и злоупотреба на близу 30 милиони евра

Случај Онкологија - петмина осомничени за создавање вишок лекови и злоупотреба на близу 30 милиони евра

Скопје, 1 февруари 2024 (МИА) – Седум јавни набавки без објавување на оглас, скапи третмани на ден пред да починат пациентите и создавање на вишок лекови се дел од дејствијата за кои се товарат петмина осомничени во случајот со злоупотреба на лекови на Клиниката за радиотерапија и онкологија. Наредбата за истрага за овој случај Јавното обвинителство ја издаде вчера, а истиот ден беа определени и мерки за претпазливост за поранешните директор на Клиниката за радиологија и онкологија, Нино Васев, и организациски директор, Нехат Нухи, осомничени во случајот заедно со уште тројца онколози.

Основниот кривичен суд Скопје вчера го прифати барањето на Обвинителството и на Васев му определи мерки забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за јавување во судот, одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, а има и забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело. Додека, за Нехи се определени истите мерки за претпазливост, освен забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело.

Обвинителството претходно информираше дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против пет лица, од кои две службени лица – поранешен медицински директор на ЈЗУ УК за радиотерапија и онкологија – Скопје и поранешен организациски директор на Клиниката, како и тројца лекари – онколози.

- Во текот на предистражната постапка, Основното јавно обвинителство Скопје обезбеди докази кои даваат основано сомнение дека осомничените директори на Клиниката со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија кои што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики и со намера за друг да прибават противправна имотна корист го довеле во заблуда овластеното лице во Фондот за здравствено осигурување да изврши незаконита исплата на пари за набавка на лекови кои ги трошеле и нарачувале спротивно на законските и подзаконските прописи, без формиран стручен колегиум и без соодветни медицински протоколи. Во ова со умисла биле помогнати од тројцата други осомничени доктори кои одредена терапија пропишувале вон препораките и свесно избегнувајќи ги параметрите кои ја опишуваат состојбата на пациентот во однос на болеста, стои во соопштението од ОЈО Скопје.

За поранешниот директор Васев има сомнение за сторени седум кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и едно кривично дело „измама во службата“, а за поранешниот организациски директор, Нухи има сомнение за „измама во службата“.  Тројцата доктори – онколози се осомничени за помагање во „измама во службата“.

Казна за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ според измените на Кривичниот законик е до пет години, додека за „измама во службата“ минимумот е три години, а максимумот 20. 

Обвинителката која го води случајот, Ана Гоговска Јакимовска, на вчерашниот брифинг рече дека единствена намера на осомничените им било да создадат вишок лекови за кои што сѐ уште не е утврдено каде завршиле, а според првичната истрага, осомничените прибавиле имотна корист за друг во износ од близу 30 милиони евра.

- Во однос на организацискиот и медицинскиот директор, од она што досега го утврдивме е дека се набавени лекови на реверс пред склучување на договор за јавна набавка и без одобрение, а фактурите за вака набавените лекови биле изготвени и доставени до Клиниката по склучување на договорите за јавна набавка, без почитување на начелото на конкуренција. Набавени се лекови по склучување на договор со добавувачите, но без согласност со Фондот за здравствено осигурување. За да сите овие набавки и склучени договори имаат правно дејство мора да имаат согласност од фондот, појасни обвинителката.

Таа дополни дека во периодот од 2018 до 2021 од ФЗОМ не биле фактурирани лековите кои се набавени од биолошката терапија и биле преземени обврски над дозволениот буџет.

- Клиниката вршела делење на набавката со еден ист лек, а она што е карактеристично за оваа постапка е недостаток на транспарентност и можност за субјективно одлучување на главните учесници во постапката. Ова предизвикува недостаток од контролни механизми и можност за појава на коруптивни практики. Договарање без објавување на оглас се смета за постапка која не треба да се користи освен кога ситуацијата не дозволува склучување на други договори, рече таа.

Спротивно на регистрационите одобренија за лековите, како што кажа, биле препишувани лекови на пациенти каде постои недоследност во дозирањето на лековите и тајмингот на апликацијата.

- Тоа не значи дека е кратена или не е давана терапија, ова, народски кажано, значи дека е раздолжувана терапија повеќе од тоа што треба да го примат пациентите, рече таа.

Обвинителката информираше дека биле препишувани скапи лекови од новите генерации на „таргет“ и „имуно терапија“ на ден пред смрт на пациентите, кога веќе било очигледно дека нема да се развие дејствието на лекот. Согласно податоците кои се прибавени од клиниката, како што појасни, лековите биле препишани, а за тоа дали се дадени засега не можат да потврдат.  

Во предистрагата, како што информираше, биле прегледани повеќе од 500 истории физички, и повеќе од 25 000 електронски записи на пациенти, а исто така, е утврдено дека состојбата на залихи на 31.12.2021 година во сметководство не е усогласен со состојбата утврдена со попис.

Дополни дека клиниката нема донесено пишана процедура за процес на прием, поради што, како што дополни, клиниката нема точни слика на расположливи количини кои се наоѓаат во аптеката и по оддели, со што, како што рече, е доведена во состојба да не ги знае потребните количини кои се потребни неделно, месечно и годишно.

Во однос на следните активности кои ќе бидат преземени, таа информираше дека сѐ уште се прибавува документација, а се очекува и извештај од вонреден надзор на ФЗОМ и во тек е медицинско вештачење на експерти од Словенија, при што посочи дека не е исклучено во следниот период да има проширување на истражната постапка.

Во врска со прашањето дали ќе се отвори истрага и за веледрогеријата од каде биле набавувани лековите, од обвинителството појаснија дека доколку се докаже незаконитоста на исплатите опфатена со актуелната истрага, народното правобранителство може да си ги побара средствата.

Министерот за здравство Фатмир Меџити, на новинарско прашање за случувањата околу скандалот „Онкологија“, вчера повика да не се плука по сите здравствени работници. Тој рече дека остава на истражните органи да испитаат до крај и со име и презиме да се знае виновникот.

- Во врска со вчерашниот настан, го знаете мојот став. Стоиме на располагање со дополнителни информации, доколку мислат дека ги има во Министерството за здравство. Веќе еднаш засекогаш треба органите да постапат правилно навреме и да не оставиме да не биде решен ниту еден случај. Повторувам, одговорно, најморално и професионално и како лекар и како министер, велам оти нема да оставиме веќе работите во здравството да се талкаат со години нерешени проблематики. Оставам на истражните органи да се испита до крај и како што кажавме, со име и со презиме да се знае веќе кој е виновен. Да не се плука по сите здравствени работници, тоа нема да го дозволам, нагласи министерот за здравство.

Прашан како ќе се одрази ова врз работењето на Клиниката, тој одговори дека со менаџерите ги преземаат сите мерки за тоа да не се одрази никако и дополни дека клиниката функционира перфектно, со прегледи, со терапија, со сѐ.

Основното јавно обвинителство Скопје вчера соопшти дека ја продолжува истрагата во предметот поврзан со работата на Клиниката за онкологија и повторно апелира до сите пациенти да се јавуваат во Јавното обвинителство и да ги пријавуваат сите евентуални незаконитости и злоупотреби на кои биле сведоци, бидејќи нивните сознанија ќе бидат исклучително важни и во натамошниот тек на постапката.

Истрагата следува по бурните реакции во јавноста по серијалот текстови за злоупотреба на лекови од Клиниката за радиотерапија и онкологија во септември изминатата година кога беше покрената и предистражна постапка. Граѓаните тогаш излегуваа на протести, а во Собранието беше формирана Анкетна комисија. ар/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан