• вторник, 02 јули 2024

Словенија, Хрватска и Србија зафатени со силно невреме

Словенија, Хрватска и Србија зафатени со силно невреме

Белград, 2 јули 2024 (МИА) - Словенија, Хрватска и Србија синоќа беа зафатени со силно невреме, со дожд, грмежи и град, кое предизвика материјални штети.

Словенија ја зафати силно невреме со обилни врнежи, налети на ветер и град, а најмногу штети има во Долењска, каде густиот град уништи посеви, а силните налети на ветер оштетија и носеа покриви на куќи.

Поради невремето, Агенцијата за животна средина (Арсо) издаде портокалово предупредување за целата земја, јави Словенечката телевизија.

Обилните дождови предизвикаа лизгање на земјиштето, а силните ветрови урнаа дрвја, столбови за струја и покриви на станбени, деловни и други згради.

Силно невреме синоќа ја зафати и Хрватска, претежно Славонија и Загреб, а силниот ветер, дожд пропратен со грмежи и град создаде огромни проблеми во Сисак, Винковци, Славонски Брод и Жупања.

Во Загреб, поради оштетување на електричната мрежа и паднати дрвја, трамваите не сообраќаат, а делови од градот останаа без струја. Кон крајот на вечерта врнеше силен дожд, поради што делови од градот беа поплавени.

Невреме со силен дожд пропратен со грмежи синоќа ја зафати и Србија. Во главниот град врнеше силен дожд пропратен со грмежи. РХМЗ претходно предупреди дека силна конвективна облачност од подрачјето на Срем се движи кон Белград на запад и дека се очекуваат интензивни врнежи со грмежи во околината на Белград. паг/

Фото: МИА архива



Остани поврзан