• сабота, 27 јули 2024

Синдикатот за здравство со поддршка на вработените во болницата во Лешок да опстои установата како самостоен правен субјект

Синдикатот за здравство со поддршка на вработените во болницата во Лешок да опстои установата како самостоен правен субјект

Тетово, 21 мај 2024 (МИА) - Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на РМ дава целосна и безрезервна поддршка на синдикалната организација при ЈЗУ Специјализирана болница за белодробни заболувања и туберкулоза во Лешок во нивните барања да се преиспита идејата или одлуката за припојување кон ЈЗУ Клиничка болница Тетово.

-Станува збор за специјализирана установа која постои како посебен правен субјект повеќе од 46 години. Доколку има некаков проблем бараме да биле решен и надминат во рамки на оваа јавна здравствена установа без оглед дали станува збор за некакви персонални решенија, недостиг на одредени профили на вработени и слично.  Од овие причини како Гранков синдикат ги поддржуваме барањата на синдикалната организација со надеж и верување дека нема да дојде во прашање каква било статусна промена на оваа специјализирана здравствена установа која сосема самостојно со години успешно функционира во рамки на македонскиот здравствен систем, соопшти денеска Синдикатот.

Вработените од Специјализирана болница за белодробни заболувања и туберкулоза-Лешок минатата недела изразија јавно несогласување со ставот на министерот за здравство Илир Демири во Тетово дека нивната установа треба да се спои кон Клиничка болница Тетово. Тие сметаат дека решението не е во спојување како правен субјект, туку вработување на специјалисти.ас/са/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан