• петок, 22 ноември 2024

Симулациска вежба за евакуација на вработените во случај на земјотрес и пожар во Магна

Симулациска вежба за евакуација на вработените во случај на земјотрес и пожар во Магна

Струга, 6 ноември 2024 (МИА) - Преку симулациската вежба за евакуација на вработените во случај на земјотрес, при кој настанал пожар и пружање помош на повредени лица, денеска во компанијата Магна, лоцирана во ТИРЗ Струга, практично беше применет планот за заштита, спасување и евакуација.

Според командирот на ТППЕ Охрид, Борко Јанкулоски, компанијата Магна е една од поретките во општините Охрид и Струга на која оперативните планови и се на највисоко ниво, поседуваат различни системи, дојавувачи на пожари, алармни системи.

- Извршивме вежба за евакуација на вработени во компанијата Магна со цел да видиме дали нивниот план за евакуација и спасување работи. Вежбата беше симулација на земјотрес, а после земјотресот и настанат пожар. Вежбата е успешна и се надеваме дека во наредниот период ќе ја продлабочиме соработката и се почесто вакви вежби да се организираат, истакна Јанкулоски.

Превенцијата во дејствување при несреќи и катастрофи, за претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков, е најважниот сегмент, нагласувајќи дека секој треба да знае како треба да се реагира и кој кое задолжение го има.

- Токму затоа ги координираме сите институции, сите субјекти кои треба да реагираат во вакви ситуации, но и вработените кои се во одредени установи. За среќа има општествено одговорни фирми кои се грижат за безбедноста во установата како што е компанијата Магна и со нивна дозвола се направи една ваква симулациска вежба. Ова треба да го прават почесто компаниите, бидејќи гледаме се што се случува во светот. И не мора да биде во компанијата може да биде надворешно, поплава, земјотрес, а тие кои се на работните места треба да знаат соодветно да реагираат заради својата безбедност и безбедноста на екипите кои дејствуваат, рече Точков.

По реализираната вежба посочи дека се изготвува извештај, кој треба да се достави до надлежните служби, односно во случајов до менаџментот на Магна. Една од забелешките нагласи дека е пристапниот пат до компанијата.

- Менаџментот треба што побрзо да делува затоа што пристапот на службите кои доаѓаат овде од Охрид е несоодветен и небезбеден. Имаме проблем да се исклучиме од главниот пат за да дојдеме овде. Од кои причинии зошто не се работи патот тоа нас не не интересира. Службите мора ефикасно и навремено да стигнат таму каде се повикани. Благодарение на СВР Охрид беше затворен главниот пат за да можат во спротивен смер возилата да стигнат овде за оваа вежба. Но, во реална ситуација тоа не смее да се случува, мора да има пристап за сите возила, подвлече Точков.

Во реализација на показната вежба, учествуваа вработените од компанијата Магна, екипи од Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Територијалните противпожарни единици од Охрид, СВР Охрид, Здравствен дом Струга и Црвен крст. сс/цр

Фото: МИА

Остани поврзан