• четврток, 21 ноември 2024

Во Кавадарци се одржа обука за спроведување на Зелената агенда на Западен Балкан на локално ниво

Во Кавадарци се одржа обука за спроведување на Зелената агенда на Западен Балкан на локално ниво

Кавадарци, 6 ноември 2024 (МИА) - Претставници на локални самоуправи, општински институции и невладини организации од повеќе општини во државата, денеска во Кавадарци беа дел од регионална обука за градење на капацитети за спроведување на Зелената агенда на Западен Балкан на локално ниво, за Вардарскиот регион. Настанот беше во рамките на проект финансиран од Швајцарската амбасада. Во фокусот е зелената агенда и екологијата на локално ниво, јакнење на капацитетите на локално ниво и подигнување на свеста околу зелената агенда. 

Бојана Станојевска Пецуровска од Центар за климатски промени, рече дека целта е да се доближи зелената агенда во сите региони, преку активности на претставници од сите региони. 

- Најпрвин разговараме за приоритетите на регионот и проблемите, околу тоа како подобро да се спроведуваат законските решенија од оваа област, подвлече таа. 

Виктор Атанасов од Здружение на млади Креатив кое раководи со Младинскиот центар во Кавадарци, истакна дека младите се и те како важни во бројни сегменти од општественото живеење, па и во спроведувањето на активности што влегуваат во зелената агенда.

На самиот проект се осврна и Сандра Стојковска, од Центар за климатски промени. 

Околу тоа што може да се направи на локално ниво, говореше Цветанка Николоска, општински инспектор за животна средина во Општина Прилеп. 

Како што беше кажано, целта на обуката е да ги запознае учесниците со политиките и приоритетите на Зелената агенда за Западен Балкан, како и да се идентификуваат главните еколошки и развојни предизвици со кои се соочува  регионот. 

- Особено внимание ќе биде посветено на клучните теми како што се урбанизмот, циркуларната економија, декарбонизацијата, климатските промени, транспортот, зачувувањето на природата и одржливото управување со природните ресурси. Еден од главните приоритети на обуката е да се зајакнат капацитетите на локалните институции за поуспешно спроведување на законодавството со кое ќе се подобри спроведувањето на барањата кои произлегуваат од Зелената агенда за Западен Балкан, беше нагласено на настанот. 

Активностите се реализираат во рамките на проектот„Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда на локално ниво“, спроведуван од страна на Центар за климатски промени во соработка со партнерите,  Еко зелено движење, Геосфера, Екотуризам – 2016, Креактив, Фондација за локален развој и развој на информатички технологии, Национален ромски центар и Ецо ацтион. свд/дма/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан