• сабота, 25 мај 2024

Силјановска Давкова: Тие што тврдат дека ќе бидеме изолирани, нека покажат кој ги поддржува

Силјановска Давкова: Тие што тврдат дека ќе бидеме изолирани, нека покажат кој ги поддржува

Битола, 8 април 2024 (МИА) - Тие што тврдат дека ќе бидеме изолирани доколку дојдеме на власт,  нека покажат кој ги поддржува на овие избори, рече вечерва кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова на митингот во Битола.

- Деновиве слушам дека ако сум станела јас претседателка, а господинот Мицкоски премиер, оваа држава ќе била изолирана. Интересен феномен! Еве јас ги прашувам, тие што тврдат дека сме изолирани, а дека тие се внатре во Европската Унија, кој нив ги поддржува на овие избори, истакна Силјановска Давкова.

Посочувајќи дека има јавна поддршка од Дорис Пак и од други европски пратеници, Силјановска-Давкова праша дали тоа е изолација.  

- Овде беше присутна во знак на поддршка, дури и вчера не придружуваше на собирите една од најпознатите пратенички од шведскиот Риксдаг, Маргарета Цедерфелт. Дали е тоа изолација? Во Букурешт имав можност, благодарение на ВМРО-ДПМНЕ, да се сретнам со многу познати политички личности. Па, за каква изолација зборуваат! Не можам, а да не ви пренесам дека на бината каде седеше госпоѓата Фон Дер Лајен и останатите европски челници, говореше господинот Христијан Мицкоски. Кој е изолиран? Дали оној што не може ни на забава да влезе онаму каде неговите партии слават или оној кој рамноправно на бината зборува за европската иднина и за европската демократија на Македонија“, праша Силјановска Давкова.

Најави дека ќе работи на единство на нацијата и на државата и дека во нејзиниот Кабинет ќе има жени со што ќе им докаже на мажите дека се откажуваат од многу ум кога говорат за квоти во политиката. 

- Ако има жена претседателка, жените ќе се идентификуваат со неа и ќе бидат поуспешни не само во семејството и на работа, туку и во политиката оти и политиката е од женски род, рече Силјановска Давкова.

Пред присутните на вечерашниот митинг во Битола се обрати и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој истакна дека Пендаровски се плаши од дуел сам со себе, а не пак дуел со Силјановска Давкова.

-Пендаровски е арогантен. И треба да добиеме впечаток дека е сега дојден нов во политиката, а не пет години претходно и место претседател тој стана коментатор кој по ниедно дело нема да го запаметиме. Тој е едноставно како турист во сопствената земја, рече Мицкоски.

Претходно, претставување на предизборната програма на Силјановска Давкова имаше и пред граѓаните на општините Новаци и Демир Хисар.

Лидерот на ВМРО - ДПМНЕ истакна дека на овие избори има два концепти, а тоа е концептот на Пендаровски и концептот на ВМРО-ДПМНЕ. - Едниот избор е концептот кој што го нуди Стево Пендаровски позади кој застанаа Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Зечевиќ, Маричиќ и Ковачевски. И другиот концепт е концептот кој го нуди ВМРО-ДПМНЕ и Твоја Македонија..., рече тој.

Мицкоски пред граѓаните на Новаци порача дека по двојната победа на 8 мај ќе се направи проверка колку Пендаровски и тие околу него се огрешиле пред законот. дма/бак/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан