• недела, 22 декември 2024

Силјановска - Давкова: Во ЕУ со почитување на меѓународното право, националните и државните интереси

Силјановска - Давкова: Во ЕУ со почитување на меѓународното право, националните и државните интереси

Ресен, 5 април 2024 (МИА) - Изборниот караван на Гордана Силјановска - Давкова, претседателскиот кандидат на коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја заокружи денешната кампања со митинг во Ресен. 

-Едно од основните начела на Европската Унија е солидарност, соработка и нема да верувате како не му текна на претседателот, како неговите советници не му укажаа на основните документи на Европската Унија? Оти да, ние го почитуваме националното право, но треба да се повикуваме на меѓународното право, а особено на правото на ЕУ. Таму има еден фамозен член 8, во кој што, во договорот за ЕУ, во основниот акт за ЕУ, а јас, за жал или за среќа предавам и европско уставно право, во кој што пишува дека членките на ЕУ ќе бидат поттикнувани да склучуваат договори со соседите, со кандидатите за членство во Европската Унија, врз основа на начелото на реципроцитет, рече Силјановска – Давкова.

Таа при тоа упати прашање до актуелниот претседател и до министерот за надворешни работи, дали знаат дека постои договор за ЕУ и дали пред да одат да разговараат за нашите национални и државни интереси седнале и ги проучиле сите најважни документи на Европската Унија.

-Ние знаеме дека сме мала држава. Тие се внатре и можеби се посилни, бидејќи се дел од фамилијата, но ни тие, ни ЕУ не смеат да си ги кршат сопствените уставни норми. Но, ако не ги потсетите на тоа, сигурно си велат дека ќе бидат практични, дека ќе бидат во духот на реализмот, ќе помислат дека „силните го прават тоа што можат, а слабите тоа што мораат“ и така во биографиите ќе си запишат уште еден успех. Ама, за нашиот живот се работи, за нивниот живот се работи, за младите, за децата. Како вели еден премудар Ирец, Бернард Шо, Сè може да смените, само татковината не може да ја смените, порача Силјановска - Давкова.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг порача дека Ресен е град на промените, бранот на промените е видлив и голем, а промените, вели, не се апстрактен поим, туку суштествена потреба на народот кој во нив гледа спас од оваа власт.

-Ако најдобро може да се опише ова фатално владеење со државата во една реченица, тоа е дека на народот му се одзема државата. Народот има чувство дека нема контрола над работите, дека е кираџија во сопствениот дом, а системот е урнисан. Во својата држава до пред скоро се чекаа редици за пасоши и лични документи. Контролата на народот врз државата е одземена и тоа се гледа во фактот што криминалот и корупцијата се широко распостранети, истакна Мицкоски.

Тој посочи дека е изгубена довербата во политичарите, бидејќи посочува, народната волја е многупати изигрувана, а граѓаните со право се скептични дали може тоа да се промени тоа.

-Сетете се само за хаосот што секојдневно го доживувате околу вас: корупцијата која е толку очигледна, пациентите не се сигурни каква терапија добиваат, се заработува бескрупулозно на грбот на најранливите, непотизам насекаде, правда никаде, не само младите туку и сѐ повозрасни размислуваат да ја напуштат Македонија не гледајќи веќе ниту систем, ниту ред. СДСМ е сведена на измеќар и соучесник во сите скандали, се срамиме од нивните недостоинствени настапи низ светот, иднината и подобриот живот се далечен сон, прогласени сме за најсиромашна држава во Европа, додека државата е на врвот по сите ранг-листи на корупција, извештаите од ЕК се историски катастрофални, тие ветуваа Отворена Европа, но испорачаа затворена држава во која граѓаните немаат начин како да отпатуваат надвор од Македонија, рече тој.

Мицкоски нагласи дека деновите кога неколкумина ја киднапирале државата мора да завршат, а на овие избори граѓаните не одлучуваат само за претседател, туку за човек на кој може да му се довери да ја води државата и да одлучува во нивно име и за иднината.

-Народот на овие избори има јасен избор. Понудата на ВМРО-ДПМНЕ за претседател е личност со извонреден интелект и интегритет. Личност со верба во принципи и со свој став. Гордана Силјановска Давкова ќе биде гаранција и брана над сите повреди и кршења на Уставот и законите. Затоа изборот е јасен. Македонија нема време и простор за губење. Ова се избори каде се одлучува дали ќе имаме конечно средена држава или ќе останеме и понатаму во заложништво на ДУИ и СДСМ, подвлече Мицкоски.

Носителот во ИЕ 5, Ѓорѓија Сајкоски на вечерашниот митинг истакна дека веќе се чувствува дека доаѓаат промените во земјава, и потенцира дека изминативе седум година тука во овој регион ништо не се инвестирало.

-Не само што имаме пад на институциите, ние имате руинирана инфраструктура, нула инвестиции, распад на системот и тоа мора да го смените, затоа  повикуваме на 24 април и на 8 мај приклучете се кон промените и големата победа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Тоа ќе биде победа на народот против неправдите, но за да донесеме силни институции и претседател каков што заслужува Македонија, мора да се избориме и да излеземе максимално на овие избори, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Сајковски. вг/са/

Фото/видео: ВМРО-ДПМНЕ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан