• недела, 22 декември 2024

Силјановска-Давкова: Не бива реформатори од луѓе потонати во корупција и криминал

Силјановска-Давкова: Не бива реформатори од луѓе потонати во корупција и криминал

Кичево, 11 април 2024 (МИА) - Компромисот треба секогаш да се мери низ призма на нашите државни и национални интереси. Иако е Македонија е мала. Македонија треба да си ја заслужи почитта, а ќе ве почитуваат ако се самопочитувате. А ќе се самопочитувате ако навистина зад тоа стои труд, знаење и ум,  порача вечерва кандидатката за претседател на државата  поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, Гордана Силјановска-Давкова на митинг во Кичево .

Не треба, посочи таа, да одите надвор ако немате консензус за најважните прашања. Но што е најважно не менувајте го ставот под притисок, не е компромис се што ќе ви предложат да прифатите,  рече Силјановска Давкова.

Многу е важно, вели таа, кој е тој што ја претставува сликата на државата надвор. Порача дека не смее во дипломатијата да одат луѓе без да го поминат она што е предвидено во законот, затоа што сликата за нас надвор е сликата на оние кои не претставуваат. 

-Кога ќе ве видат преговарачите дека немате став, или дека лесно менувате став, или дека немате доблести и дека не се почитувате тогаш ќе бидат прагматични и ќе си запишат своите биографии дека решиле уште еден проблем, а нашите ќе не убедуваат дека народот бил зад нив кога решавале клучни прашања, а народот над 70 проценти вели дека водите погрешна политика,  а овие си играат оро. Е знаете што тешкото оро за жал, нам ни се случува. Тешкото ни се случува во секој поглед ама нив тоа не ги допира, зошто се однародени и затоа што се отуѓени и  затоа што само повторуваат дека тоа е светот е на реалната политика, силните го прават тоа што можат, слабите тоа што мораат, а ние сме слаби и дека тоа е единственото решение. Не е тоа единственото решение. Не. Понекогаш и на оние од ЕУ човек треба да им укаже на нивните основни документи дека сака сите тие да важат не само за нив да важат и за сите нас, истакна Силјановска Давкова.

Во обраќањето таа се осврна и на пораката од противкандидатот Стево Пендаровски.

-Претседателот откако вчера ме пофали, не знам дали чувте, дека сум била одлична професорка, дека сум била врвна интелектуалка и дека сум имала силна морална вертикала, па затоа кога ќе победел, ќе ме предложел за уставна судијка. Јас имам проблем. Не ќе може да го предложам за Уставен суд бидејќи критериумите што јас ги имам за уставен судија се многу високи. Но, добро е што тој имаше момент на вистината. Меѓутоа, познавајќи го се плашам само да не го смени мислењето и набрзо да го негира она што го кажал. Но, за мене зборот е збор, прв, како во Библијата или, како што би рекле Албанците, беса. Јас ќе се држам до мојот збор, наведе Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова го коментираше и денеска објавениот извештај на „Фридом Хаус“ каде што Македонија бележи уназадување во демократијата, корупција и криминал.

-И замислете сега тие, кои сместени во највисоките врвови на власта и добиле епитет на корумпирани и криминализирани, сега ќе ја реформираат Македонија. Не бива реформатори од луѓе потонати во корупција и криминал. Не. Ние сме реформаторите, а тие ќе бидат клиентите. Крајно време е овие клиенти во сите области да одговараат. Се разбира пред независно судство, рече Силјановска Давкова.

Според неа, претседателот може да помогне за независното судство и ако во Судскиот Совет двајцата претставници од претседателот се луѓе со дигнитет, интегритет, посветени на правото, борци за владеење на правото. -Но не е така бидејќи таму се по партиски клуч, а не за тоа што се најдобри, порача таа.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повика на масовна поддршка за професорката Силјановска Давкова која, нагласи, „е решението за претседател, покажа лојалност кон своите принципи и е еден од најдобрите експерти и познавачи на уставното право и политичкиот систем, работи кои овие години најмногу ги газеше оваа власт“. 

-На Македонија и треба претседател, а не измеќар на ДУИ, рече Мицкоски.

Тој го повика актуелниот претседател и кандидат за втор мандат Стево Пендаровски да каже како ја финансира кампањата. -Има еден објект недалеку од Кичево, се вика РЕК Осломеј по три пати поскапи цени се испорачуваат услуги таму, дел завршуваат во приватни џебови, а  дел ја финансираат твојата кампања. Ете така се финансира со криминални крадени народни пари кампањата на Стево Пендаровски, рече Мицкоски. вг/лв/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан