• понеделник, 23 декември 2024

СЗО: Болниците во Газа ќе колабираат ако не пристигне помош

СЗО: Болниците во Газа ќе колабираат ако не пристигне помош

Женева, 30 јануари 2024 (МИА) – Има интензивни борби меѓу израелската војска и борците на Хамас околу најголемата здравствена установа во Газа, болницата „Насер“ во Кан Јунис, која се уште работи, но таа ќе колабира доколку набрзо не стигне поголема помош, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).

По повеќе од три месеци бомбардирања во израелската офанзива врз Газа, што беше предизвикана од нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври, повеќето болници во енклавата веќе не работат. Обединетите нации наведуваат дека еден од малите исклучоци е болницата „Насер“, во Кан Јунис, во централниот дел на Газа, која работи на минимум и е опкружена од израелската армија.

-Ситуацијата околу „Насер“ само се влошува.... пукање, борби во близина, тешкотии за луѓето да дојдат или да си одат од болница, изјави портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмајер на брифинг во Женева.

Во болницата се засолнети илјадници прогонети лица, лекари и пациенти.

СЗО денеска соопшти дека пратка со храна наменета за болницата била нападната од гладната толпа луѓе, а поради доцнење во близина на израелски контролен пункт. Храната на крајот не стигнала до болницата.

Си-ен-ен објави дека луѓето во Газа јадат трева и пијат нечиста вода и се изложени на висок ризик од глад и смрт.

Вчера не беше пуштена друга пратка со гориво на СЗО за болницата „Насер“, иако пристигна медицинската помош, рече Линдмајер.

-Одбивањата и одложувањата се дел од шемата што спречува хуманитарните резерви да стигнат до болницата и може да ја направат нефункционална, додаде тој.

Опишувајќи ја болницата „Насер“ како „клучен симбол“, Линдмаер кажа дека некои операции во неа биле извршени на подови.

СЗО претходно соопшти дека половина од медицинскиот персонал е побегнат и дека таму од 24 лекари сега се останати само двајца.сд/

фото: ЕПА

Остани поврзан