• вторник, 30 април 2024

Се чисти поранешниот дом „Ранка Милановиќ“, поделена храна за тамошните семејства

Се чисти поранешниот дом „Ранка Милановиќ“, поделена храна за тамошните семејства

Скопје, 20 февруари 2024 (МИА) - Се чисти поранешниот објект на ЈУ за згрижување и воспитување на деца и младинци „Ранка Милановиќ“ во Скопје, а беше поделена и храна за семејствата кои живеат таму.

Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски денеска беа на оваа локација и со претставници на Црвениот крст, поделија прехранбени пакети за оние на кои тоа им е најпотребно.

- Денеска сме повторно во поранешниот дом „Ранка Милановиќ“. Ја истакнавме ситуацијата со лицата кои биле тука сместени во периодот на 2017 година и кои останале буквално на еден раб на сиромаштија. Покрај тоа, може да се види и сликата што укажува на тоа, дека е створен еден буквално мини отпад, што покрај другото, може да предизвика и одредени здравствени проблеми. Присутни сме да интервенираме во однос на истото. По консултација со локалната самоуправа, односно со градоначалникот Стефковски од општина Гази Баба, со асистенција на Јавното комунално претпријатие, денеска веќе започнавме со чистење на дворната површина и отпадот што е направен во самиот круг на овој комплекс, изјави Велковски.

Тој рече дека и во иднина ќе го одржуваат местото средено и чисто, како и да нема одредени заразни болести.  

- Ние како министерство и јас како министер, ќе започнеме со изнаоѓање системско решение, овие луѓе да добијат навистина хумани услови и да бидат сместени во хумани услови за живеење пред сѐ, да може да се стекнат со сите права во однос на социјална заштита. Тоа е нешто што ќе го работиме во следниот период, додаде Велковски во изјава за медиумите. бд/са/

Фото: МИА

Остани поврзан