Се зголемува смртниот биланс од бурата Моника во Франција и Шпанија
- Најмалку четири лица загинаа во поројните поплави во југоисточна Франција, според новите податоци на локалните власти, откако уште еден човек беше пронајден мртов.
Париз, 11 март 2024 (МИА) - Најмалку четири лица загинаа во поројните поплави во југоисточна Франција, според новите податоци на локалните власти, откако уште еден човек беше пронајден мртов.
Телото е пронајдено во околината на Дионс, село северно од Ним, каде исчезнале три лица - таткото и неговите две деца, соопшти префектурата на департманот Гард. Четириесет-годишната мајка била спасена пред нивниот автомобил да биде однесен од мостот од поројот.
Две деца, на возраст од 4 и 13 години, сè уште се водат како исчезнати, како и еден маж во одделот Ардеш.
Бурата Моника донесе силен ветер и обилни врнежи од дожд во неколку европски земји во текот на викендот.
Во Шпанија три лица беа однесени од бранови, соопштија денеска властите, посочувајќи дека продолжуваат со потрагата по нив. Двајца од нив се малолетни. Тие биле однесени од морето додека ловеле риба на плажата на островот Гранд Канарија во петокот попладне. Третиот исчезнал додека пливал на плажа во Барселона.
Невремето предизвика бранови со височина од 2,5 метри. ссм/
фото: ЕПА