• недела, 28 април 2024

Се зголеми бројот на жртви во нападот во трговски центар во Сиднеј

Се зголеми бројот на жртви во нападот во трговски центар во Сиднеј

Сиднеј, 13 април 2024 (МИА) – Во нападот со нож во трговскиот центар Вестфилд Бонди Џанкшн во источен Сиднеј загинаа шест лица, а напаѓачот е застрелан, соопшти австралиската полиција.

Повредени се неколку лица, меѓу кои и деветмесечно бебе на кое му била извршена операција. Како што неофицијално јавуваат австралиските медиуми, мајката на бебето им подлегнала на повредите во болница и таа е шестата жртва во нападот.

За време на нападот во трговскиот центар случајно се нашла и полицајка која брзо го фатила напаѓачот, а кога тој се свртел и замавнал со нож кон неа, таа пукала во него, соопшти полицијата.

Се верува дека напаѓачот, 40-годишен маж, кој допрва треба официјално да биде идентификуван од полицијата, дејствувал сам и оти нападот не е поврзан со тероризам.

Австралискиот премиер Ентони Албанез изрази сочувство до семејствата на жртвите.

- Информиран сум за ужасните настани на Бонди Џанкшн. За жал, пријавени се повеќе жртви и првите мисли на сите Австралијци се со жртвите и нивните најблиски. Нашите срца се со повредените и им благодариме на оние што се грижат за нив, како и нашите храбри полициски и служби за прва помош, напиша тој на Х.

Остани поврзан