СЕХА: Пелистер верува во реванш за поразот од Мешков Брест во Битола
- Ракометарите на македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер немаат намера да патуваат во Белорусија со „бело знаме“ и оптимистички се расположени дека можат да му се реваншираат на Мешков Брес
Битола, 27 август 2021 (МИА) – Ракометарите на македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер немаат намера да патуваат во Белорусија со „бело знаме“ и оптимистички се расположени дека можат да му се реваншираат на Мешков Брест за поразот од 27:31 во првиот четвртфинален натпревар во регионалната СЕХА лига.
- Загубивме (во Битола), но не со голема разлика за да се откажеме. Напорно работевме неделава, нема што да загубиме, треба да се бориме и да се надигруваме. Можеме да стигнеме до позитивен резултат. Мешков Брест е квалитетен тим. Сепак се четвртфиналисти на Лигата на шампионите. Имаат играчи од калибарот на Скубе, Кашпарек, Ваилипау. Имаат квалитетни индивидуалци, но не значи дека ние немаме доста квалитетни играчи и најважно ќе биде кој повеќе ќе сака да победи, изјави вечерва за клупскиот сајт голманот на битолската екипа Марко Кизиќ.
Максимална пожртвуваност и верба во позитивен резултат на гостувањето кај белорускиот шампион најави и хрватскиот интернационалец во редовите на Еурофарм Пелистер, Јосип Божиќ Павлетиќ.
- На натпреварот во Битола не ја покажавме вистинска слика, игравме под нашите можности и сигурно можеме подобро. Се надевам дека во Белорусија ќе покажеме подобро лице. Не се откажуваме, четири разлика не се многу, во спортот сè е можно. Одиме на победа во Брест, изјави Божиќ Павлетиќ.
Реваншот меѓу Мешков Брест и Еурофарм Пелистер е на програмата в недела со почеток во 16 часот.ег/свс/