• сабота, 27 јули 2024

Сериозно повреден полицаец и над 400 приведени по инцидентите за време на одбојкарски натпревар во Атина

Сериозно повреден полицаец и над 400 приведени по инцидентите за време на одбојкарски натпревар во Атина

Атина, 8 декември 2023 (МИА) – Еден полицаец е тешко повреден за време на инцидентите што синоќа се случија во атинска населба пред спортска сала за време на одбојкарскиот натпревар Панатинаикос- Олимпијакос, а приведени се над 400 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Повредениот полицаецот е во критична состојба. Тој за време на инцидентите бил погоден во горниот дел од ногата со пиротехничко средство, кое се запалило, по што бил хоспитализиран со неконтролирано крвавење.

Според болницата 31-годишниот полицаец во текот на ноќта претрпел и срцев удар, лекарите успеале да го вратат во живот и состојбата му се стабилизирала, но сè уште е во животна опасност.

Веднаш по инцидентите, натпреварот бил прекинат, полицијата ја затворила салата и забранила излез за навивачите, со исклучок на жени и деца и биле приведени 424 лица.

Од грчката полиција утрово соопштија дека „за време на натпреварот хулиганите излегоа од салата и се движеа заканувачки кон полицајците, фрлајќи предмети, камења, како и пиротехнички средства директно насочени кон полицајците, при што еден е тешко повреден“.

Хулиганите по инцидентот се вратиле на трибините, од каде што е приведена големата група од над 400 лица, кои и се задржани во Дирекцијата за миграција и се врши целосна проверка на личните податоци, се земаат изјави и слично.

- Горенаведената постапка е под надзор на Обвинителството, ќе биде завршена во следниот период и се следи, бидејќи постојат силни индиции дека меѓу приведените се и сторителите на нападот, соопштија од грчката полиција.

Додадоа дека на стадионот се пронајдени и одземени облека, остатоци од импровизирани запаливи средства, нож на преклоп, остатоци од опожарена облека, петарди и пиротехнички материјали.

Грчките медиуми пишуваат дека инцидентите биле меѓу навивачи на Олимпијакос и полицијата, а навивачите ги нападнале полицајците со молотови коктели и разни предмети, како и со пиротехнички средства.

Министерот за заштита на граѓаните Јанис Иконому во текот на ноќта ја посети болницата каде што е хоспитализиран полицаецот и порача дека нема да остане неказнет убиствениот напад од хулиганите. ср/ссм/

Остани поврзан