• понеделник, 23 декември 2024

Седумдесетина конфекциски работници протестираа пред судот во Кавадарци 

Седумдесетина конфекциски работници протестираа пред судот во Кавадарци 
Кавадарци, 3 март 2023 (МИА) - Седумдесетина конфекциски работници денеска протестираа пред судот во Кавадарци, незадоволни од судска пресуда. Во изјава за медиумите, тие рекоа дека биле вработени на неопределено време во текстилна фабрика до 23 февруари  2020 година, а фирмата им должела по три неисплатени минимални плати,  придонеси од плата и други стасани парични побарувања од плата, во вкупен износ од 9.633.158 денари. Или, секој од нив побарувал по над 130 илјади денари. 
 
Поддршка добија и од претседателот на Здружението за заштита на работнички права „Гласен текстилец", Кристина Ампева, којашто ги повика Управата за јавни приходи, Министерството за внатрешни работи, економски криминал, финансиска полиција и Основно јавно обвинителство, да го истражат случајот. 
 
Нивниот правен застапник, Даница Милкова за МИА изјави дека во подготовка е жалба на судската пресуда до Апелациски суд Скопје. Според неа, имотот на текстилната фабрика бил продаден, а финансиски средства биле дадени како позајмица на семејна фирма на сопствениците на конфекцијата.
 
- Со тужбата се бараше, а сега и со жалбата,  должникот да си ја врати позајмицата дадена кон семејната фирма и да го плати долгот кон работниците, нагласи Милкова. 
 
Зорка Мантева, се пожали дека со пресудата на судот, се задолжуваат тужителите, на име судски трошоци, на тужените  да им платат околу 20 илјади евра. Секој од нив, да даде по околу 20 илјади денари. 
 
Зоран Парговски, ја претставуваше починатата сопруга, која тужела и имала правосилна пресуда во нејзина корист. 
 
- Не може да се наплатат две неисплатени плати. Проблемите влијаеја и врз здравјето на мојата сопруга. Стресови, влечкање по судови, рече тој. 
 
Правниот застапник на  текстилната фирма ,,Сони", Антонио Коцевски, во телефонска изјава за МИА, рече дека другата страна го промашила предметот. 
 
- Имаше кривична пријава што со правосилна одлука беше отфрлена од ОЈО Кавадарци и вишото Јавно обвинителство. Имаше времена мерка, одбиена од кавадаречкиот суд и потврдена од Апелација. Третата судска одлука за истиот случај исто така е против нив, нагласи Коцевски. 
 
Од Основен суд Кавадарци најавија дека ќе се произнесат во понеделник. свд/дма/
 
Фото : МИА

Остани поврзан