• понеделник, 23 декември 2024

Северна Македонија земја партнер на меѓународниот саем за туризам во Ниш

Северна Македонија земја партнер на меѓународниот саем за туризам во Ниш

Белград, 28 март 2023 (МИА) - Над 150 излагачи и агенции, бројни наградни игри, како и организирани посети на нишките туристички атракции, ги очекуваат посетителите на Меѓународниот саем за туризам во Ниш, кој ќе се одржи по 24-ти пат од четврток, 30 март до сабота, 1 април. За земја партнер на Саемот оваа година избрана е Северна Македонија, со која ќе се разговара за туристичкото поврзување, пред се на просторот на „Отворен Балкан“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Во текот на 3-те дена од Саемот на сите посетители ќе им обезбедиме уникатна туристичка понуда, бидејќи како што диктира географската положба на Ниш, ова е место каде што се вкрстуваат туристичките стопанства на Истокот и Западот, но она што е најмногу важно е дека во соработка со Северна Македонија ќе разговараме за поврзување и создавање нови туристички производи, пред се на пазарот на Отворен Балкан, изјави Драгана Божиќ, директорка на Туристичката организација на Ниш (ТОН).

Божиќева очекува дека градот Ниш со овој Саем ќе ги обедини туристичката индустрија, туристичките организации и региони, како и туристичките агенции, со цел што подобро да се претстави понудата за претстојната летна сезона.

-Особено е важно што во соработка со Стопанската комора на Србија организираме „be to be“ средби со земјите од регионот, но и со туристичката индустрија на Србија. Ќе ја организираме и 4-та Меѓународна стручна конференција, сметаме дека е важно да се разговара за туризмот, особено по пандемијата, кажа директорката на ТОН. об/ац/

Фото: Туристичка организација - Ниш

Остани поврзан