• петок, 22 ноември 2024

Северна Македонија да има фер процес на преговори, во Брисел продолжува објаснувачкиот скрининг

Северна Македонија да има фер процес на преговори, во Брисел продолжува објаснувачкиот скрининг
Скопје, 24 септември 2022 (МИА) – Република Северна Македонија да има фер пристапни преговори, втемелени на заслуги, критериуми и реформи, и процесот да не се злоупотребува од земји членки, е заложбата на европратениците од Зелените/Групата на ЕСА Тинеке Стрик и Рајнхард Бутикофер. Во Брисел, пак, во рамки на скринингот помина вториот ден од презентациите на Европската комисија за законодавството и стандардите на ЕУ за Поглавјето 24 „правда, слобода и безбедност“ за македонскиот и албанскиот преговарачки тим во оваа област. -Ние сакаме фер процес на пристапни преговори, со фер критериуми во кој нема толкаво влијание на билатералните прашања. Отсега натаму ќе се обидуваме да го исчистиме овој процес, да се осигураме дека ова е процес каде што преговорите се врз основа на заслуги, критериуми, реформи, владеење на правото, фундаменталните човекови права, судството и сите барања коишто се фер со цел државата да стане дел од европското семејство, порачаа европратениците Стрик и Бутикофер при посетата на земјава.   

Европратеничката Стрик порача дека ќе се заложат да нема нерелевантни основи во натамошниот тек на преговорите.  

-Да се осигурaме дека нема злоупотреба од страна на држави земји членки на ЕУ кои се наметнуваат на оние кои се надвор од клубот. Ние ќе направиме притисок, ќе ја притиснеме Комисијата и земјите членки и партиите во Европскиот парламент да нема нерелевантни основи за натамошен тек на преговорите за членство, рече Стрик.

Таа оцени дека „францускиот предлог“ донел одредена поларизација во општеството  и намалена доверба во ЕУ и кон Владата и смета дека е потребно, како што рече, „сите заедно да работиме да ја повратиме довербата“.  

-Ја понудивме нашата поддршка и на институтите, но и на политичките партии и јасно дадовме до знаење дека искрено сакаме да ви помогнеме да се добие подобра соработка меѓу ЕУ и Северна Македонија без разлика дали станува збор во сферата на законодавство или пак во сферата на справувањето со енергетската криза или прашања коишто ја притискаат државата или, пак, се работи за поддршка и солидарност која што треба да ја покажеме како реципроцитет на солидарноста која што вие ја покажавте со приклучувањето кон санкциите против Русија во врска со војната со Украина. Треба да ве поддржиме и во имплементацијата на сите реформи коишто се во фаза на процесот. Усвоени се закони, но сега на ред е нивната имплементација, рече Стрик.  

Според неа, доколку се почитува владеењето на правото и човековите права без разлика на историја и на идентитетот тогаш тоа значи дека се исполнети условите за членство.

-Се надевам дека ќе ги надминеме ваквите пречки во однос на билатералните прашања коишто ги споменав. Ова е и наша одговорност, но се надевам и очекувам една социјална обединетост меѓу граѓаните и еден добар преговарачки процес, да се осигуриме дека се движиме напред на патот и дека ќе ја примиме во клубот Северна Македонија што е можно поскоро, потенцира Стрик.

Европратеникот Бутикофер одговарајќи на новинарско прашање во однос на условот за уставни измени пред почеток на преговорите по поглавја истакна дека за него главно прашање е „дали ќе успееме да избегнеме еден континуиран процес на поставување пречки една по една“.

-Во идеален случај да бидам искрен, да не излезе ова како мешање во внатрешните работи, јас би бил за покренување на уставни прашања во време кога целокупните преговори ќе бидат финализирани и да кажеме ова е дел од финалниот пакет. Не сум сретнал ниеден соговорник вклучително и од бугарска страна кои го гледале како проблем. Слушнав некои шеги за вклучување на Јапонците и Монголците во Уставот. И мислам дека ова не е проблем. Мислам дека проблемот, прашањето е дали ќе успееме да избегнеме еден континуиран процес на поставување пречки една за друга, една по една. Ова не би било во духот на Европа и нема да биде во духот на она што ветија експлицитно одредени држави. Поранешната канцеларка Меркел, еднаш му рече на претседателот на една држава која што стави пречка, ако се однесувавме вака како што се однесувате сега кон РСМ вие сега немаше да бидете тука со мене да разговарате како членка на ЕУ, истакна Бутикофер.  

Во своето обраќање на јавната дискусија во Комисијата за европски прашања, европратеничката Стрик меѓу другото, порача и дека македонскиот идентитет и јазик не може да бидат порекнати во Европа. -Целосно го препознаваме тоа и го поддржуваме и затоа сме гласни говорници во Европскиот парламент. Ќе имаме нов годишен извештај за Северна Македонија и ќе ја вклучиме оваа изјава многу јасно во извештајот, посочи Стрик и додаде оти е редно време и други земји членки на ЕУ да извршат притисок врз Бугарија со цел да се уверат дека барањата ќе се намалат. Според европратеникот Бутикофер, собраниската Комисија за европски прашања мора да биде камен темелник на процесот на пристапување. – Нашата група е меѓу најсилните поддржувачи на пристапувањето на Северна Македонија во нашата Унија, во европското семејство на нации и ние ќе продолжиме со тој став иако гледаме дека Советот не секогаш беше фер, имаше и празни ветувања. Но, јас црврсто верувам дека има само една добра перспектива и на среден и на долг рок, а тоа е целосна интеграција. Секако нема да поддржиме ништо друго освен целосна интеграција, рече Бутикофер. Европратеничка од Холандија и известителот во сенка и портпарол за Република Северна Македонија Тинеке Стрик и европратеникот од Германија Рајнхард Бутикофер, кои се членови на групата Зелени/Европска слободна алијанса (ЕФА) се сретнаа и со претседателот на Собранието, Талат Џафери Џафери се заблагодарил за соработката и континуираната поддршка на Европскиот парламент за нашите евроинтеграции. Посебен акцент ставил на макотрпниот пат што граѓаните и политичарите го поминаа за остварување на двете стратешки цели - НАТО и ЕУ. Информирал и за активностите на државните институции за поддршка на институциите на Украина и приклучувањето кон санкциите кон Руската Федерација, како и за неговата посета на Украина и средбите со претставниците на државниот врв на земјата. Во Брисел вчера заврши вториот ден од презентациите на Европската комисија за законодавството и стандардите на ЕУ за Поглавјето 24 „правда, слобода и безбедност“ за македонскиот и албанскиот преговарачки тим во оваа област. Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач на земјава со ЕУ, Бојан Маричиќ на објаснувачкиот скрининг состанок во Брисел истакна дека македонскиот преговарачки тим од оваа област се надоврзува на претходното стекнато искуство и продолжува со новите законски регулативи од 2019 година до денеска, потенцирајќи дека ова е голема предност за нас што треба да ја искористиме и да ја валоризираме. -Имаме капацитет и мотивација соодветно да ги подготвиме нашата земја и нашите институции преку градење силен и добро интегриран административен капацитет на агенциите за спроведување на законот и другите релевантни тела, од кои се очекува да ги постигнат потребните стандарди, рече Маричиќ. Според Маричиќ, Поглавјето 24 е „срцето на преговорите“, заедно со Поглавјето 23. Северна Македонија во делот на борбата против тероризмот, го донесе Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам – со цел усогласување со 5 Директива за АМЛ  (2018 г./843) и ревидираните препораки на Работната група за финансиска акција, а заедничкиот акциски план за борба против тероризмот за Западен Балкан меѓу Европската комисија и органите на Република Северна Македонија, како рамка за заедничко дејствување во борбата против тероризмот, континуирано се спроведува. Маричиќ истакна и дека Владата ја усвои Националната процена на ризикот во март 2020 година во однос на перење пари и финансирање тероризам и го спомена усвоениот Национален план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратниците борци и членови на нивните семејства со учество на повеќе државни институции и општествени чинители со цел да се имплементираат утврдените приоритети во спречувањето на насилен екстремизам и радикализација. Од понеделник во Брисел треба да започнат објаснувачките скрининг состаноци за Поглавје 23 – „Правосудство и темелни права“. Забрзувањето на евроатланските интеграции на земјите од регионот на Западен Балкан, според шефот на македонската дипломатија, е значаен влог во регионалната, но и во европската стабилност. – Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е особено значајно во насока на обезбедување стабилен и отпорен регион во актуелниот несигурен геополитички контекст. Воедно, со цел зачувување на регионалната, европската, но и трансатлантската безбедност се налага и потребата од засилен ангажман и присуство на НАТО и САД на нашите простори, истакнал Османи на годишната Трансатлантска вечера во Њујорк на маргините на 77. Генерално собрание на Обединетите нации, во организација на американската државна потсекретарка за политички прашања Викторија Нуланд. вг/бак/  

Остани поврзан