• вторник, 05 ноември 2024

Северна Кореја тврди дека нејзиниот шпионски сателит снимил детални снимки од Белата куќа и Пентагон

Северна Кореја тврди дека нејзиниот шпионски сателит снимил детални снимки од Белата куќа и Пентагон

Пјонгјанг, 28 ноември 2023 (МИА) - Северна Кореја тврди дека нејзиниот неодамна лансиран сателит испратил детални снимки од Белата куќа, Пентагон и американските нуклеарни носачи на авиони што ги видел лидерот Ким Џонг-ун.

Постоењето на фотографиите не е независно потврдено, а експертите велат дека е рано да се каже дали шпионскиот сателит Малигионг-1 функционира правилно, седум дена по лансирањето.

Државните медиуми во Пјонгјанг пренесоа дека Ким Џонг-ун, кој го следел лансирањето и потоа организирал банкет за научници и работници од вселенската програма, прегледал фотографии од две локации на американската влада направени доцна навечер во понеделникот.

Сателитот, според нив, снимил и фотографии од американската поморска база, бродоградилиште и аеродром во Вирџинија. Снимките, како што наведуваат, вклучуваат четири американски носачи на авиони на нуклеарен погон и еден британски носач на авиони.

Северна Кореја тврди дека сателитот фотографирал и воени инсталации во Јужна Кореја, како и од американската пацифичка територија Гуам и државата Хаваи. Ниту една од сликите не е објавена во јавноста.

Шпионскиот сателит предизвика гнев во Советот за безбедност на ОН. Санкциите на ОН се однесуваат на севернокорејските сателити, бидејќи содржат забранета технологија што се користи во програмата за балистички ракети на режимот.

Севернокорејскиот амбасадор во ОН, Ким Сонг ги обвини критичарите за лицемерие.

-Една завојувана страна, САД, ни се заканува со нуклеарно оружје. Легитимно право за Северна Кореја како друга завојувана земја е да развива, тестира, произведува и поседува системи за оружје еквивалентни на оние што САД ги поседуваат или ги развиваат, рече Ким Сонг.

Претставници на јужнокорејските разузнавачки служби рекоа дека веруваат дека Русија му помогнала на Северот да го лансира Малигионг-1 во замена за муниција за војната во Украина. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан