• недела, 14 јули 2024

СДСМ најавува дека со сите институционални механизми ќе се спротистави на реализацијата на кредитот од пола милијарда

СДСМ најавува дека со сите институционални механизми ќе се спротистави на реализацијата на кредитот од пола милијарда

Скопје, 13 јули 2024 (МИА) - СДСМ денеска најави дека ќе ги искористи сите институционални механизми за да не дозволи реализација на одлуката за земање кредит од пола милијарда евра од Унгарија. 

Како што тврдат од СДСМ, од досега достапните податоци кредитот воопшто не е поволен и не нема никаква економска и финансиска оправданост. Според СДСМ, кредитот е политички мотивирана одлука. 

- Наместо кредитирање преку проверени финансиски инструменти кои позитивно ќе влијаат на кредитниот рејтинг на земјата, Мицкоски во четири очи договорил кредит со кој се ризикува соработката со реномирани финансиски институции. Јасно е дека станува збор за политички мотивирана одлука на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, а кои ќе бидат влијанијата на Унгарија преку оваа соработка допрва ќе видиме, се вели во соопштението од СДСМ. 

Оттаму посочуваат дека „медиумите во Унгарија веќе шпекулираат дека овој кредит е крајно мистериозен и чуден, ако се земе предвид дека самата Унгарија ги плаќа своите заеми поскапо од кредитот за Македонија“. 

- СДСМ прави детални анализи на достапните податоци и ќе ја разоткрие вистината позади оваа одлука на Владата на Мицкоски, велат од СДСМ.

Премиерот Христијан Мицкоски во четврток во Вашингтон на средбата со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан договорил специјална економска соработка согласно која министерствата за финансии на двете Влади ќе отпочнат процес во којшто унгарската Влада ќе и позајми на македонската Влада сума од 500 милиони со камата од 3,25 проценти, три години грејс период и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години. Дополнително, земјава ќе може да се обрати за дополнителна економска поддршка. фф/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан