• недела, 22 декември 2024

Светот денеска ја слави насмевката

Светот денеска ја слави насмевката
Лос Анџелес, 2 октомври 2020 (МИА) - Светот денеска ја слави насмевката. По тој повод, следат неколку занимливости, факти и тривијалности околу сѐ тоа... Денот на насмевката е востановен 1999 година и се одбележува во првиот петок од октомври. Идејата е на американскиот стручњак и уметник за реклама - Харви Бол, кој во 1963 година го создаде познатото жолто насмеано лице, коешто му претходеше на денешниот таканаречен емотикон - смешко. Бебињата се насмевнуваат уште во утробата на мајката! Насмевката не се учи, тоа е вроден рефлекс. Новороденчињата се насмевнуваат претежно во сон. Потребни се околу шест недели пред да се појави првата будна насмевка. Насмевката е универзална! Низ светот, прегратките, ракувањата и поклонувањето може да значат различни нешта... Сепак, насмевката насекаде го означува истото - среќа, позитивни мисли и добро расположение. Насмевката е заразна! Ова не е само мит. Насмевката е навистина заразна. Едно шведско истражување покажа дека на луѓето им е тешко да се намуртат кога набљудуваат насмеана личност и, на крајот - одговараат со истиот ведар израз. Кога се насмевнуваме, се ослободуваат ендорфини (хормони на среќа). Насмевката, дури и лажната, предизвикува телото да ослободува ендорфин - хормони кои придонесуваат за добро расположение и го намалуваат стресот. Постојат 19 различни видови насмевки! Науката идентификувала 19 различни видови насмевки - од вообичаена пристојна до онаа гласната и со солзи. Насмевката се слуша! Дури и онаа тивката, беззвучна насмевка во телефонски разговор, е забележлива, бидејќи влијае на тонот на разговорот. Токму поради оваа причина, луѓето кои работат со одговарање на телефонски повици, се обучени да се насмевнуваат за да им звучат попријатно на клиентите. Насмевката се гледа од далечина! Истражувањата посочуваат дека луѓето можат да препознаат насмеан лик и од 90 метри. Така, според стручните теории, ние го разликуваме пријателот од непријателот. Насмевката го продолжува животот. Луѓето кои се насмевнуваат често живеат подолго од тажните и намуртени лица. Ова се објаснува со својството на насмевката да го стимулира имунолошкиот систем преку зголемување на нивото на хормонот кортизол. Насмевката ги прави жените попривлечни, отколку шминката! Насмевката тоа го чини поефикасно и од најскапата шминка. Поновите испитувања откриваат дека 70 отсто од мажите сметаат дека насмеаните жени се попривлечни од оние со шминка. Занимливо е, сепак, тоа што истото не се однесува на мажите. Истражување на Американското психолошко здружение посочува дека жените претпочитаат тој да биде црномурест, повеќе отколку - да биде насмеан. си/

Остани поврзан