Сар го поздрави „јасниот морален став“ на Унгарија откако гласаше за излегување од „политизираниот“ МКС
- Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар денеска го поздрави унгарскиот парламент кој гласаше за излегување од Меѓународниот кривичен суд во Хаг.
Тел Авив, 29 април 2025 (МИА) – Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар денеска го поздрави унгарскиот парламент кој гласаше за излегување од Меѓународниот кривичен суд во Хаг.
- Со оваа одлука, одбиваме да бидеме дел од политизирана институција која ја изгуби својата непристрасност и кредибилитет, напиша унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на X.
- Ви благодарам, Унгарија, за вашиот јасен морален став!, одговори Сар на објавата.
Сар во јануари се сретна со Сијарто за време на дипломатска посета на Будимпешта, и ја пофали Унгарија за нејзиниот избор да не ја спроведе меѓународната потерница на МКС издадена минатата година за апсење на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Претходно месецов, непосредно пред Нетанјаху да биде примен од унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на посетата на Унгарија, Будимпешта објави дека се повлекува од судот.
Израелските власти минатата недела ја осудија одлуката на МКС да не одлучува по барањето на Израел за суспендирање на налозите за апсење на премиерот и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради наводни воени злосторства во Газа.
Израел ја отфрла надлежноста на МКС над своите државјани и го обвинува судот дека постојано се обидува да ја делегитимизира еврејската држава. јт/