• недела, 22 декември 2024

Саем на универзитети „УниКомпас“: Матурантите и нивните родители ги истражуваа образовните можности

Саем на универзитети „УниКомпас“: Матурантите и нивните родители ги истражуваа образовните можности

Скопје, 7 јули 2024 (МИА) - Четири универзитети, во рамки на кои функционираат повеќе од 30 факултети и институти, компании и организации за студенти и млади беа претставени вчера во МКЦ во Скопје, во рамките на првото издание на саемот на универзитети „УниКомпас“. Средношколци и нивните семејства ги истражуваа програмите и можностите што ги нудат овие високообразовни установи во земјава.

Саемот е во организација на студентската заедница „СтудентаријаМК“. Како што соопштија организаторите, средношколците од прва рака се запознаа со студиските програми, уписните рокови, можностите за стипендии и кариера и животот на кампусите.

Со фокус на зајакнување на следната генерација лидери, „УниКомпас“ опфати и интерактивни работилници, персонализирано кариерно советување, презентација на експерименти и шоуа и информативни сесии кои се однесуваа на различните потреби и аспирации на средношколците.

-Имавме успешно прво издание на „УниКомпас“. На настанот присуствуваа голем број средношколци, нивни родители и поддржувачи, претставници на десетици факултети, кои создадоа енергична и инспиративна средина за истражување на можностите за образование и кариера. Ентузијазмот на учесниците ги надмина нашите очекувања и беше неверојатно убаво да се види како се создаваат вакви значајни врски меѓу младите луѓе и високообразовните установи, организациите и компаниите, изјави Гоше Николов, креатор на платформата „СтудентаријаМК“ и организатор на саемот.

Професорката Даница Крстовска, раководителка на Институтот по физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје на саемот посочи дека ваквите настани се важни за младите, овде можат да дојдат и да видат како се изучуваат природните науки.

-Овде може да видат експерименти, да поразговараат со професорите. Вкупно имаме околу 300 студенти на Природно-математичкиот факултет. Бидејќи се дефицитарни кадри, нема невработени од нашите дипломци, вели Крстовска.

Професорката Бети Андоновиќ, продеканка за наука и меѓународна соработка на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, напомена дека матурантите не се доволно запознаени со понудата на универзитетите. 

-Овој настан посебно ми се допаѓа затоа што гледам дека е посетен. Матурантите можат да видат што се случува на факултетите. Мислам дека не се доволно запознаени со понудата на универзитетите. На нашиот факултет има најголем интерес на прехранбена технологија, биотехнологија и дизајн и инженеринг на облека. Но, во последно време се забележува и интерес за програмата инженерство на материјали и нанотехнологии, како и за металургијата, рече Андоновиќ.

Во рамките на „УниКомпас“ вчера се одржаа и две работилници со психолог. Првата работилница беше насловена „Како полесно да зачекориш во студентскиот живот?“, а втората работилница беше дел од „Родителското катче“, која на саемот и имаше за цел да им обезбеди на родителите и старателите вредни сознанија, стратегии и поддршка за тоа како да им помогнат на децата полесно да ја поминат оваа клучна фаза од нивните животи.

Како што најавија организаторите, второ издание на саемот ќе се одржи во првата половина на 2025 година.

Саемот се одржа во организација на „СтудентаријаМК“, со поддршка на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.

Генерален покровител на настанот беше Шпаркасе Банка АД Скопје, а „УниКомпас“ го поддржа и Град Скопје.бт/aa/

Фото: „СтудентаријаМК“

Остани поврзан