• понеделник, 23 декември 2024

САД: Со „Северен поток 2“ Русија ќе ги уценува европските земји

САД: Со „Северен поток 2“ Русија ќе ги уценува европските земји
26 ноември 2020 Дојче Веле, Бон Доналд Трамп и Џо Бајден се многу различни. Сепак, тие имаат една заедничка работа: двајцата се против гасоводот „Северен поток 2“, констатира Дојче веле. Соединетите Американски Држави го зголемуваат притисокот и ги продолжуваат санкциите против учесниците во проектот. „Овој гасовод нема да се случи. Изгледа како гасовод што умира", изјави висок претставник на американската Влада во интервју за ДПА. Тој рече дека Вашингтон веќе идентификувал неколку компании и лица кои може да бидат санкционирани според Законот за санкции против „Северен поток 2“. Американските власти во моментов контактираат со засегнатите. Но, не затоа што тие сакаат да воведат казни за европските компании, туку за да ги предупредат и да им дадат време да се повлечат од проектот, рече изворот. Тој е категоричен дека ова е „геополитички проект кој Русија ќе го користи за да уценува европски земји“. Зависност од Москва? Со овој гасовод, Германија станува зависна од Москва, тврдат и републиканците на претседателот во заминување Доналд Трамп и демократите на новоизбраниот претседател Џо Бајден. Минатиот декември, Конгресот на САД, со гласовите на двете најголеми партии, го донесе Законот за заштита на европската енергетска безбедност (ПЕЕСА), кој веќе стапи во сила откако - и покрај острите реакции од Германија и Русија - претседателот Трамп го потпиша на 20 декември 2019 година. Санкциите се насочени против фирмите кои се за обезбедување специјални бродови за поставување цевки на морското дно. Овој американски закон првично успеа да ја запре изградбата на објектот: на крајот на минатата година, под закана од американски санкции, швајцарската компанија „Олсиз“ (Allseas), одговорна за поставување цевки на дното на Балтичкото Море, ја прекина работата на проектот. Дотогаш беа завршени 2.300 километри од вкупно 2.460 километри должина на цевката.

Сè уште нема санкционирани

Досега, САД не прибегнуваа кон санкции. Во август, сепак, тројца американски сенатори отворено му се заканија на операторот на балтичкото пристаниште Засниц-Мукран на германскиот остров Риген со строги санкции. На ова пристаниште се приклучи рускиот брод „Академик Черски“, кој треба да ја заврши работата за поставување на цевките.

Во октомври, Вашингтон го засили притисокот: според новата директива на американскиот Стејт департмент, санкциите се закануваат и на секој што обезбедува финансирање, материјали или средства за специјални бродови. Наспроти ова, рускиот претседател Владимир Путин објави дека Русија, доколку е потребно, ќе го заврши сама проектот - и без странски партнери.

Рускиот концерн „Газпром“ е единствениот сопственик на „Северен поток 2“. Негови финансиски партнери се германските компании „Винтершел Ди“ (Wintershall Dea) и „Унипер“ (Uniper). Првата е заедничко вложување на БАСФ и „ЛетерУан“ (LetterOne), а втората е дел од Еон, како и холандско-британската компанија „Шел“, француската ГДФ и австриската ОМВ. Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер е претседател на надзорниот одбор на Северен поток, а во Северен поток 2 тој е претседател на одборот.

Трамп и Бајден тука се едногласни

„Унипер“ го опиша американскиот отпор како „недвосмислено мешање во европскиот суверенитет“ и изрази уверување дека проектот ќе биде завршен. „Винтершел Ди“ тврди дека досега не добиле предупредување од Вашингтон.

Портпаролот на американската Влада за ДПА изјави дека приврзаниците на „Северен поток 2“ не треба да се потпираат на промената на власта во Белата куќа. „Санкции ќе има независно од тоа кој седи во Овалната соба“, уверува тој.

Новиот претседател на САД ќе положи заклетва на 20 јануари 2021 година. И Џо Бајден е критичен кон проектот за втор гасовод на дното на Балтичко Море. Како потпретседател во времето на Барак Обама, тој го опиша гасоводот како „фундаментално лош договор за Европа“. паг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан