• четврток, 26 март 2026

САД одобрија продажба на опрема за ПВО за Украина во вредност од 180 милиони долари

САД одобрија продажба на опрема за ПВО за Украина во вредност од 180 милиони долари

Вашингтон, 25 јули 2025 (МИА) – Американскиот Стејт департмент соопшти дека ја одобрил продажбата на опрема и услуги за Украина за поддршка и одржување на системи за противвоздушна одбрана (ПВО) од американско производство, во вредност до 180 милиони долари.

- Владата на Украина побара купување опрема и услуги за обука, одржување и модернизација на постоечките системи за противвоздушна одбрана од американско потекло, се наведува во соопштението на Агенцијата за одбранбена соработка и безбедност при Стејт департментот, пренесува Укринформ.

Продажбата на опрема и услуги опфаќа, меѓу другото, ремонт и одржување на купената опрема, резервни делови, обука на персоналот, инженерски, технички и логистички услуги.

Во документот се наведува дека овој договор „ќе придонесе за остварување на целите на надворешната политика на САД и националната безбедност со зајакнување на безбедноста на земјата партнер која е движечка сила на политичката стабилност и економскиот напредок во Европа“.

Се нагласува дека договорот ќе им помогне на вооружените сили на Украина „поефикасно да реагираат на сегашните и идните закани“, благодарение на „помоќниот потенцијал за противвоздушна одбрана“.

Опремата и услугите ќе ги обезбедат американските компании Sierra Nevada Corporation и V2X. Во документот не е прецизирано кој ќе ги плати или надомести трошоците според договорот. јт/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан