• понеделник, 23 декември 2024

САД испраќаат над 100 војници и мобилни ракетни системи на Алјаска

САД испраќаат над 100 војници и мобилни ракетни системи на Алјаска

Вашингтон, 18 септември 2024 (МИА) - Американската војска премести повеќе од 100 војници и мобилни ракетни системи на еден од ненаселените Алеутски острови во западна Алјаска поради неодамнешното зголемување на руските воени авиони и бродови кои се приближуваат до територијата на САД, објавија американските медиуми.

Осум руски воени авиони и четири поморски бродови, вклучително и две подморници, се приближија на Алјаска минатата недела додека Русија и Кина спроведуваа заеднички воени вежби. Ниту еден од авионите не го нарушил воздушниот простор на САД, а портпаролот на Пентагон вчера изјави дека нема причина за тревога.

-Не е првпат да ги видиме Русите и Кинезите како летаат, знаете, во непосредна близина, и тоа е нешто што очигледно внимателно го набљудуваме и исто така нешто на што сме подготвени да одговориме, изјави вчера на прес-конференција портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пет Рајдер.

На 12 септември, Армијата ги испрати војниците на островот Шемја, околу 1.930 километри југозападно од Енкориџ, каде што американските воздухопловни сили одржуваат воздухопловна база која датира од Втората светска војна. Војниците со себе понеле два артилериски ракетни системи ХИМАРС.

Американскиот сенатор Ден Саливан додаде дека американската војска испратила разурнувач со наведувани проектили и брод на крајбрежната стража во западниот регион на Алјаска, откако Русија и Кина ги започнаа воените вежби Океан-24 во Тихиот и Арктичкиот океан на 10 септември.

Северноамериканската воздушна одбранбена команда соопшти дека детектирала и следела руски воени авиони кои оперираат кај Алјаска четири дена. Имаше по два авиони на 11, 13, 14 и 15 септември.

Саливан повика на поголемо воено присуство на Алеутските острови, додека се залагаше САД да одговорат со сила на рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг. Според него, американската морнарица треба повторно да ја отвори затворената база во Адак, на Алеутските острови. Објектот бил затворен во 1997 година. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан