Руската воздушна одбрана собори 33 украински дронови, тројца повредени во нападите
- Во текот на ноќта, воздушната одбрана на Русија уништи 33 украински дронови над територијата на шест региони, додека три лица се повредени во напади со дронови врз Ростовската област, објавија денеска руските власти.
Москва, 23 јули 2025 (МИА) - Во текот на ноќта, воздушната одбрана на Русија уништи 33 украински дронови над територијата на шест региони, додека три лица се повредени во напади со дронови врз Ростовската област, објавија денеска руските власти.
Според соопштението, во текот на ноќта, средствата за воздушна одбрана пресретнале и уништиле 33 украински дронови, пренесуваат руските медиуми.
Дроновите биле соборени во Тулската, Ростовската, Нижни Новгородската, Брјанската, Курската и Калушката област. По нападите, три лица биле повредени во Новочеркаск во Ростовската област, каде што дроновите предизвикале експлозии.
Според информациите што ги сподели вршителот на должноста гувернер на Ростовската област, Јуриј Сљусар, две жени биле повредени во Новочеркаск додека биле на улица, додека еден маж бил тешко повреден и однесен во болница. Сљусар додаде дека пожари избувнале во неколку делови од градот поради напади со дронови, но сите пожари биле брзо изгаснати. мс/
фото: МИА архива