Русија погоди објект во украинскиот систем за пренос на гас, објави украинското Министерство за енергетика
- Русија синоќа погоди објект во украинскиот систем за пренос на гас, објави украинското Министерство за енергетика, цитирано од украинските медиуми.
Москва, 21 август 2025 (МИА) - Русија синоќа погоди објект во украинскиот систем за пренос на гас, објави украинското Министерство за енергетика, цитирано од украинските медиуми.
-Ноќта на 21 август, еден од објектите на системот за пренос на гас беше погоден во руски воздушен напад. Проценката на штетата е во тек, се вели во соопштението на украинското министерство.
Ноќта на 19 август, Русија погоди компресорска станица за гас во регионот Полтава, потсетува Укринформ.
Украинските сили соопштија дека во текот на ноќта нападнале руска рафинерија за нафта и други објекти што ги користи руската војска.
Според Генералштабот на украинските вооружени сили, украински дронови ја нападнале рафинеријата за нафта Новошахтинск во рускиот Ростовски регион во текот на ноќта.
Операцијата имала за цел намалување на напаѓачките капацитети на Русија и создавање пречки на патиштата за снабдување со гориво на нејзините воени единици.
Според Генералштабот, рафинеријата Новошахтинск е еден од најголемите добавувачи на нафтени производи во јужна Русија. Таа, исто така, игра улога во поддршката на руските вооружени сили. Вкупниот капацитет на резервоарите на рафинеријата надминува 210.000 кубни метри.
Како резултат на украинскиот напад, на местото биле регистрирани повеќе експлозии.
Украинските специјални оперативни сили, исто така, користеле дронови со долг дострел за да нападнат руско воено депо за дронови и логистички центар во окупираниот регион Донецк.
Нападнато е и руско воено депо за гориво во регионот Воронеж.
Во меѓувреме, неколку руски региони и делови од Украина контролирана од Москва пријавија недостиг на бензин откако Киев ги засили нападите врз руските рафинерии за нафта овој месец и поради зголемената сезонска побарувачка за гориво.
На 28 јули, Русија воведе забрана за извоз на бензин на своите рафинерии за да спречи недостиг во текот на шпицот на летната сезона поради летните патувања и жетвата на жито. Сепак, учесниците на пазарот на гориво велат дека овие мерки не се доволни. мс/
фото: МИА архива